26/11/2024
Македонија

Законот и Стратегијата за енергетика предвидуваат зголемено производство на електрична енергија од обновливи извори

Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи,  на покана на Соларната Асоцијација на Република Северна Македонија, учествуваше на свечениот настан за доделување на сертификати за учесниците за обука на соларните системи.

На почетокот на своето обраќање, Вицепремиерот Битиќи се заблагодари на организаторот за поканата да учествува на овој свечен настан, како и на УСАИД која овозможи проектот „Зајакнување на соларниот сектор преку обуки, настап на саеми и активности за лобирање” да биде реализиран со успех.

„Сметавме дека климатските промени ќе се случат во далечната иднина. Но, евидентни се промените кои секојдневно ги чувствуваме на локално и глобално ниво. Токму затоа, заедничката е обврската на сите потписнички на Парискиот договор за клима, амбициозно да ги реализираат поставените цели за намалување на влијанијата од климатските промени. Но, секако и имплементација на постулатите на Енергетската унија, која ги интегрира сегментите на клима и енергетика“, посочи Битиќи во своето воведно обраќање.

Вицепремиерот нагласи дека со „Европскиот зелен договор“, ЕУ има колективна одговорност да ја трансформира својата економија и општество, за да ја постави на поодржлив и зелен пат. Овој план е многу поамбициозен план од сите досегашни, бидејќи предвидува целосна климатска неутралност до 2050 година.

„Ако досега, согласно постоечкото законодавство, ЕУ предвидува обврзувачка цел за намалување на емисиите на стакленички гасови за најмалку 40% до 2030 година во споредба со 1990 и речиси 80-90% до 2050, со новиот план се оди еден чекор понапред, а тоа значи предвидување на целосна климатска неутралност до 2050 година или целосно намалување на емисиите, односно фокус на производство на така наречена зелена енергија. И покрај ковид кризата, со буџетот за периодот од 2021 – 2027, ЕУ ги реафирмира поставените цели и планира нивно дополнително зајакнување“, нагласи вицепремиерот.

Битиќи додаде дека еден од приоритетите во програмата на Владата на Република Северна Македонија е значително зголемување на стимулативните мерки и субвенциите за  инвестирање во обновлива  енергија,  како најголем еколошки извор на енергија, како електрична така и на топлинска.

„Согласно Законот за енергетика и Стратегијата за енергетика до 2040 година, се предвидува зголемено производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија. Токму оваа Влада во правилникот за обновливи извори на енергија воведе можност и домаќинствата да можат на своите кровови да постават фотонапонски електрани за сопствено производство, а вишокот да го продаваат на својот снабдувач“, подвлече вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

Со цел зголемување на производството на фотонапонски панели во нашата земја, веќе се донесени измени во Царинскиот тарифник, за увоз на одредени репроматеријали за производство на сончеви колектори и панели.

Свечениот настан за доделување на сертификати за учесниците за обука на соларните системи се одржа преку видео конференциска врска, во организација на Соларната Асоцијација на Република Северна Македонија, а со поддршка на канцеларијата на УСАИД, во рамките на проектот „Зајакнување на соларниот сектор преку обуки, настап на саеми и активности за лобирање”.