Замрзнатите цени на овошје и зеленчук ќе важат и во декември
Владата на Република Северна Македонија на денешната седница го утврди Предлог Буџетот на Република Северна Македонија за 2024 година.
Предлог Буџетот за 2024 година е направен согласно потребите на граѓаните и на македонската економија.
Целта е поддршка на економскиот раст, фискална одржливост и редовна исплата на сите државни буџетски обврски – повисоки плати, пензии, социјални права, поддршка на земјоделците, на претпријатијата, фискална консолидација, справување со последиците од глобалната економска криза.
Се оцени дека Буџетот е добра основа за зголемена и забрзана реализација на инфраструктурните проекти, привлекување странски инвестиции, иновативност на домашните компании, поддршка на домашната економија, приватниот сектор и граѓаните, интензивирање на приближувањето на Република Северна Македонија кон ЕУ, непречено извршување на обврските коишто произлегуваат од членството во НАТО, непречено спроведување на претстојните изборни активности.
Утврдениот Предлог Буџет на Република Северна Македонија за 2024 година, ќе биде доставен до Собранието на Република Северна Македонија.
Владата, на предлог на Министерството за економија, донесе Одлука за изменување на Одлуката за посебни услови за трговијата на одделни стоки, со којашто се утврдува највисока трговска (профитна) маржа за свежото овошје и свеж зеленчук, за сите трговски друштва и трговци поединци кои учествуваат во трговскиот ланец во трговијата на големо во вкупен износ до 10% и во вкупен износ до 15% во трговијата на мало.
Согласно денешната владина одлука, вака утврдената највисока трговска (профитна) маржа за свежото овошје и свеж зеленчук, наместо до 30-ти ноември, ќе се применува до 31-ви декември 2023 година.
Владата ја разгледа и усвои Информација за одобрување Урбанистички проект за градби од стратешки интерес за изградба на патен Коридор 10д, делница на автопат: Прилеп – Битола и донесе Одлука за одобрување на овој Урбанистички проект.
Предмет проектот во оваа фаза, според предлагачот, Министерството за транспорт и врски, е дел од трасата на автопатот Прилеп – Битола во должина од 29 км, а вкупната должина на Делницата на автопат: Прилеп – Битола е околу 40 км. Останатиот дел од трасата ќе биде предмет на дополнителни урбанистички проекти.
Владата, на предлог на Министерството за транспорт и врски, ја разгледа и усвои Информацијата во врска со продолжување на постапката за реализација на проектот „Воведување брз автобуски превоз во град Скопје“, со Предлог договор за имплементација и даде поддршка проектот да продолжи да се реализира.
Според Информацијата од ресорното министерство, во текот на месец септември, од Град Скопје е соопштено дека се планира продолжување на проектот, за којшто на 21 април 2021 година Град Скопје и ЕБОР случија Проектен договор за реализација на проектот „Воведување брз автобуски превоз во град Скопје“.
Предлог Договорот за имплементација на проектот согласно Проектниот договор, треба да го склучат Министерството за финансии, Министерството за транспорт и врски и Град Скопје.
Владата го утврди новиот текст на Предлог на закон за виното, со којшто според предлагачот, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, се прави усогласување со новите правила на ЕУ во областа и се воведуваат нови производи во рамки на законот (органско вино, ароматизирани вински производи).
Предложените решенија се со цел да се зголеми и олесни извозот на македонско вино и на производите од вино на пазарот на ЕУ, како најголем извозен пазар за македонско вино.
За прв пат лозарите, како што е нагласено од ресорното министерство, добиваат гарантирана цена на винското грозје.
Со новиот Предлог на закон за вино е предвидено да се утврдува производната цена на винското грозје по килограм, најдоцна до 15-ти јули во тековната година и тоа за најмалку две најзастапени сорти. Пресметката на трошоците за производство на килограм винско грозје на определена површина и соодветен квалитет, согласно соодветна методологија, предвидено е да ја врши високообразовна или научна институција од областа во земјоделството.
Во делот на Предлогот на законот којшто се однесува на класификација на вина, производство, означување и заштита на вина со географски назив, се предвидени значителни измени, посебно со цел, виното со потекло од Република Северна Македонија, да биде заштитено на пазарите на ЕУ, уште пред да државава стане земја членка на ЕУ.
Владата, на предлог на Министерството за култура, донесе Одлука за основање национална установа „Спомен куќа на Мустафа Кемал Ататурк“ – Коџаџик, Центар Жупа. Целта на одлуката е истражување, собирање, средување, стручно и научно обработување, проучување, заштита, чување, објавување и презентирање на историско етнолошки предмети поврзани со животот и делото на Мустафа Кемал Ататурк, како и на други етнолошки и историски предмети од значење за Република Северна Македонија.
Владата, во врска со 30-от министерски состанок на ОБСЕ, којшто ќе се одржи на 30 ноември и 1 декември 2023 година во Скопје, на предлог на Министерството за надворешни работи, донесе одлука, работното време на сите вработени во државната и јавната администрација на територијата на градот Скопје – на 29-ти ноември 2023 година (среда), да заврши во 12:00 часот. А, 30-ти ноември 2023 година (четврток) се определува за неработен ден за сите вработени во државната и јавната администрација, на подрачјето на град Скопје. Овие заклучоци се однесуваат и на основните и средните училишта на подрачјето на град Скопје, а не се однесуваат на детските градинки и здравствените установи на подрачјето на град Скопје – коишто е потребно да изработат сопствени планови за работењето, со цел непречено функционирање.
Се препорачува на општините во градот Скопје и на Град Скопје да ги спроведат заклучоците. Оваа препорака се однесува и на приватниот сектор на подрачјето на градот Скопје, посебно од подрачјето на Општината Карпош и на општините кои гравитираат кон Спортскиот центар „Борис Трајковски“ и хотелот „Александар Палас“.