Започна изградбата на нова фабрика на компанијата Мурат Тиџарет во ТИРЗ Скопје 2 со првични 300 нови работни места
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, заедно со заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, министерот за финансии, Драган Тевдовски, министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, министрите Аднан Ќахил, Зорица Апостолска и Зоран Шапуриќ, присуствуваа на настан посветен на означување на почетокот на изградба на нова фабрика на компанијата „Мурат Тиџарет“ во ТИРЗ Скопје 2.
Премиерот Заев во своето обраќање истакна дека Република Македонија се движи во посакуваната насока, се зголемува довербата и оптимизмот во македонската економија и дека оваа инвестиција ќе биде 4-та по ред инвестиција на турска компанија во ТИРЗ Скопје 1 и 2.
„Новите инвестиции што ни доаѓаат од пријателска Република Турција за Република Македонија се многу значајни. Во ТИРЗ Скопје 1 и 2 оваа инвестиција ќе биде една од 4-те инвестиции на турски компании. Ние сме многу среќни заради тоа. Интересот за нови инвестиции на турските компании во Република Македонија расте и од тие причини продолжуваме да ја интензивираме и унапредуваме економската соработка меѓу двете земји кои негуваат традиционално долгогодишно децениско пријателство“, порача премиерот Заев во своето обраќање.
Пред присутните гости свое обраќање имаше и заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев кој истакна дека Владата во стопанството гледа стабилен партнер, а дека преку поддршка на домашните и странските компании ќе се придонесе за побрз развој на економијата и создавање на подобри услови за живот на македонските граѓани. Тој нагласи дека постои голем интерес на компании од Република Турција за инвестиции и дека неодамнешната посета на 40-тина уредници од турски медиуми дополнително ќе влијае на зголемувањето на интересот.
„Трговската размена помеѓу двете земји во 2017 година надмина 400 милиони евра, а во првите 5 месеци од 2018 година, во споредба со истиот период лани, трговската размена е зголемена за 12%, а радува што и извозот од Македонија кон Турција е зголемен за истиот процент. Вкупните инвестиции од Турција надминуваат над 250 милиони евра при што голем број на турски компании, освен во ТИР зоните успешно работат во финансискиот сектор, преработувачката индустрија, текстилниот сектор, трговијата и во други економски гранки“, нагласи Анѓушев.
Свое обраќање имаше и министерот за финансии, Драган Тевдовски кој зборуваше за издвоените средства во Буџетот на Република Македонија за поддршка на инвестициите.
„Влезот на „Мурат Тиџарет“ во Македонија е вин-вин ситуација и за инвеститорот и за државата. Македонија има придобивки и за граѓаните и за економијата, односно за бизнисот. Владата не само што поддржува отворање на нови работни места, туку се залага и за подобро платени работни места. Имено, државата ќе врати 20% од нето платата за сите нововработени во компанијата, но само под услов тие да земаат плата поголема од 18.000 денари“, истакна министерот Тевдовски и посочи и дека инвеститорот има придобивка во едуцирана работна сила и поволна бизнис клима.
Министерот задолжен за странски инвестиции, Аднан Ќахил зборуваше за потребата од зголемување на економската соработка помеѓу двете пријателски земји, Република Турција и Република Македонија кои негуваат традиционално блиско пријателство.
Директорот на компанијата „Мурат Тиџарет“, Шахан Гора Тиџарет најави отпочнување со работа на фабриката во 2019 година и ги нагласи очекувањата на менаџментот дека со својата работа оваа компанија ќе придонесе кон севкупниот економски развој на земјата но и на регионот.
Директорот на Дирекцијата на ТИРЗ, Александар Младеновски информираше за активностите на дирекцијата и подетално ја претстави новата инвестиција на „Мурат Тиџарет” која ќе произведува кабли и електрични инсталации за автомобилската индустрија, а производството ќе биде наменето за Европскиот пазар и САД.
Висината на планираната инвестиција изнесува околу 7 милиони евра и првично ќе бидат отворени 300 нови работни места.