26/11/2024
Македонија

Започна откупот на тутунот, годинава поголем број на склучени договори и издадени евидентни листови

Денеска започна откупот на тутунот од реколтата 2018 година. Според базата на податоци на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, до денеска се отворени 195 откупни пунктови на кои што тутунарите можат да го предаваат тутунот. Државниот инспекторат за земјоделство ги направи сите проверки на пунктовите. 

Во годинешната реколта се засеани 14.802 хектари со тутун, а склучени се 34.104 договори со 9 откупни претпријатија. Подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, пријавија 23.430 издадени евидентни листови. Вкупната договорена количина за откуп изнесува над 29.000 тони тутун.

Министерот за земјоделство,шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски кој денеска од Прилеп и официјално го објави почетокот на откупот, порача дека се очекува непречен откуп со стабилни откупни цени. Споредено со реколтата 2017-та, за новото производство на тутун се издадени 57 евидентни листови повеќе од лани и се склучени над 4.700 повеќе договори од ланската реколта. Годинава има и зголемување на засадените површини со тутун, и тоа за 387 хектари.

„Овие податоци покажуваат пораст на тутунопроизводиството, ова особено се должи на историски највисоките откупни цени на тутунот од реколтата 2017 – та, за кој што просечната откупна цена достигна 217,6 ден за килограм, но и на новиот модел за зголемени субвенции во три ниво. Тоа беше една од клучните политики преку која пративме јасен сигнал дека сме фокусирани на развој не само на тутунопроизводството туку и на целиот сектор земјоделство, кој што е база на македонската економијата. Целосно подготвениот нов Закон за тутун кој влегува во владина процедура и очекуваме до крајот на годинава да ја помине и собраниската процедура, ќе придонесе за добри показатели за овој значаен сектор кој носи девизен прилив 100 милиони евра и егзистенција за над 23.000 семејства“, изјави министерот Николовски.

При тоа министерот Николовски потенцираше дека оваа година се ислатија над 28 милиони евра по основ на новиот модел за зголемени субвенции за тутунот од реколтата 2017-та и тоа за првпат навремено, кога им беа најпотребни на тутунарите. Со новиот модел на зголемени субвенции, субвенцијата за прва класа тутун е 80 денари за килограм, 70 денари за втора класа, и 60 денари за трета класа и дополнителните класи.

Николовски посочи дека со новиот Закон за тутун, се очекува укинување на евидентни листови, но дека целата процедура ќе се прави внимателно и постепено, заради тоа што се потребни софтверски надградби и одредено време за прилагодување. Конкретно, следната 2019 година, МЗШВ заеднички со сите чинителеи, со откупувачите на тутунот и со тутунарите ќе направи пилот проект, чие што функционирање во 2019 година ќе се тестира, со цел да се прилагодат институциите и во 2020 и официјално да се воведе. Ова ќе значи намалување на административни процедури кои ги имаат тутунарите, бидејќи тутунарите ќе склучуваат договори директно со откупните претпријатија а сите бирократски формалности ќе бидат преземени од тутунските компании. Истовремено, овој закон предвидува понатамошно усогласување со европските директиви и најдобри примери од ЕУ во контекст на прилагодување кон европските стандарди, и го регулира прометот со новите тутунски производи во согласност со Директивата 40/2014.