23/11/2024
Македонија

Започна со работа консултативната група за реформи во системот за предучилишно згрижување и воспитание на децата

Консултативната работна група, формирана да го надгледува процесот и да дава предлози за подобрување на пристапот до квалитетни услуги за ран детски развој, особено за децата од социјално загрозени средини, го одржа својот прв состанок, кој поради превенција и заштита од Ковид-19 се одржа онлајн.

Оваа консултативна група ја сочинуваат претставници на Министерството за труд и социјална политика, на други релевантни министерства, државни и меѓународни институции, на академската заедница, на вработените во предучилишните установи во земјата, како и претставници од невладиниот сектор.

„Покрај тоа што работиме на зголемување на капацитетите за сместување на деца во предучилишни установи, интензивно работиме и на зголемување на квалитетот на кадарот кој што е задолжен за грижа за дечињата. Инициравме активности за воспоставување на систем за професионален развој и напредување во кариерата на практичарите од предучилишно образование и грижа,“ рече министерката Шахпаска.

Таа посочи дека во  фаза на реализација е и  проектот преку ИПА – 2017   ‘’ Raising the quality of pre-school education and care” , чија главна цел е подобрување и подигнување на  квалитетот на предучилишното воспитание и образование.

Активностите предвидени со проектот се структурирани во 3 компоненти:

• Модернизација на професионален и кариерен развој на вработените во предучилишните установи

• Ревизија на моделот на (ре) лиценцирање на вработените во предучилишните установи

• Зајакнување на вклученоста на родителите во предучилишното образование и грижа, особено за децата во ризик.

На состанокот, покрај тоа што беа презентирани предвидените активности за зајакнување на системот за обука на наставниците во системот на предучилишно згрижување и воспитание, беше претставен и еден од светски признатите модели, алатки и инструменти за мерење на квалитетот и резултатите од раното учење.

Проширување на пристапот до квалитетни услуги за децата до шест годишна возраст низ целата земја, со посебен акцент на децата од ранливите групи и децата со попреченост, како и подобрување на квалитетот на услугите за згрижување и воспитание на децата е основната цел на втората компонента од Проектот за подобрување на социјалните услуги, што го спроведува Министерството за труд и социјална политика, со поддршка од Светска банка.

„Една од најмудрите работи кои земјата треба да ги направи за да обезбеди еднаквост и долгорочен просперитет за сите граѓани е да инвестира во раното детско образование. Светска банка, во соработка со Владата и партнерите работи на имплементација на политики и програми за зголемување на  пристапот до квалитетно рано образование за децата со цел да се обезбедат развојните потреби за сите деца. Проектот е дизајниран да креира опкружување кое ќе ги поттикнува вештините за успех во училиште и во текот на животот,“ истакна Бојана Нацева, виш експерт за образование.

Преку овој Проект се обезбедуваат и  грантови за изградба на нови детски градинки и центри за ран детски развој, како за проширување на постоечки капацитети и пренамена на постојни објекти во установи за згрижување и предучилишни деца.