Израелска компанија заинтересирана за инвестирање во македонското земјоделство
Министерот без ресор, задолжен за привлекување на странски инвестиции Бардул Даути, придружуван од Никица Бачовски, посебен советник на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, денеска, во Владата на Република Македонија се сретна со претставници на израелската компанија „Даган“, фирма со над триесет годишно искуство, специјализирана за земјоделски проекти и еден од водечките провајдери на иновативна технологија во земјоделската дејност.
Министерот Даути на средбата ги презентираше можностите коишто ги нуди Македонија за потенцијалните инвеститори запознавајќи ги со Планот за економски раст и транспарентната програма која силно ги поддржува компаниите кои сакаат да инвестираат во земјава.
Владините претставници потенцираа дека за инвеститорите е обезбедена правната сигурност и стимулирање и поддршка на странските и домашни компании на транспарентен и недискриминирачки начин, која го опфаќа и аспектот на понудата на државно земјиште наменето за инвестиции како и можноста за користење на ИПАРД фондовите, како и субвенциите обезбедени од Буџетот на Република Македонија.
Претставниците на „Даган“, кои првично се заинтересирани за инвестиција вредна околу 30 милиони евра, која би обезбедила најмалку 100 нови работни места, ги изложија своите интереси за вложување во областите на автоматизација на земјоделството, особено во областа на пластеници, расадници, т.н зелени куќи, тунели и отворени полиња. Тие ги запознаа владините претставници со системите за третман на води и системи за наводнување под притисок кои оваа компанија.
Претставниците на израелската компанија изразија задоволство од средбата и изразија подготвеност за повторна посета на Република Македонија за прецизирање и интензивирање на соработката.