Информација за објавување на стенографските белешки од одржаните седници на Владата на Република Северна Македонија
Во врска со објавувањето на стенографските белешки од одржаните седници на Владата на Република Северна Македонија, Владата информира дека објавувањето на стенографските забелешки е регулирано со член 94 од Деловникот за работа на Владата на Република Северна Македонија.
Согласно член 94 став 4, стенографските белешки за работа на Владата се чуваат во документацијата на Владата, во електронска и во оригинална форма.
Согласно истиот член 94 став 6, увид во стенографските белешки имаат исклучиво членовите на Владата или директори на друг орган на државната управа кои присуствувале на владината седница, како и секретарот на Секретаријатот за законодавство. Единствено тие можат да ги побараат на увид стенографските белешки и во дел од нивните излагања да извршат стилски и јазични исправки, при што не смеат да ја менуваат содржината на своето излагање. Имајќи го предвид сето ова, Ве информираме дека согласно член 94 став 6 од Деловникот за работа на Владата на Република Северна Македонија, Владата не смее да достави на увид во јавноста стенографски белешки.
Согласно Деловникот за работа на Владата на Република Северна Македонија, информации од јавен карактер, достапни за јавноста од владините седници, се записниците за усвоените владини одлуки, кои што се објавуваат на веб страната на Владата.
Владата на Република Северна Македонија континуирано вложува во подигнување на нивото на транспарентно објавување на документите кои согласно Деловникот за работа на Владата може јавно да се објавуваат.
Посочуваме дека Владата на Република Северна Македонија и оваа 2023 година бележи максимална 100-процентна активна транспарентност согласно Индексот на активна транспарентност на институциите, што редовно го спроведува Центарот за граѓански комуникации. Со ова се потврдува фактот дека Владата ги објавува сите предвидени информации од активната транспарентност.
Ова достигнување е резултат на максималната посветеност на Владата за споделување на сите значајни информации од важност за граѓаните и показател на демократските капацитети и на проевропската ориентација на оваа Влада, којашто се залага за имплементирање на европските стандарди во државата, по патот на европските интеграции.
Соработката со Здружението на новинари на Македонија за Владата е од исклучително значење како партнер кон понатамошно унапредување на медиумските слободи.