Ковачевски: Владините институции мора да ги намалат непродуктивните трошоци
Претседателот на Владата на Северна Македонија Димитар Ковачевски во интервју за ТВ 24 Вести, истакна дека стратегијата за надминување на сериозната глобална економска криза, дополнително влошена и со војната во Украина е преточена во 26-те мерки и препораки, што ги донесе Владата, и кои се целосно насочена кон користење на сите ресурси во поддршка на граѓаните и стопанството во време на криза.
„Со овој пакет активни мерки, вреден 400 милиони евра, спречуваме сериозен ценовен шок, и на основните прехранбени производи и на енергенсите“, рече за ТВ 24 Вести премиерот Ковачевски, и нагласи дека Владата одговорно пријде кон решавањето на овие проблеми и во ефикасна комуникација меѓу владините ресори се донесоа сите одлуки.
Како што ветивме, така и направивме, истакна Ковачевски, и ја зголемивме минималната плата, и постигнавме историско зголемување на пензиите.
„Со промената на методологијата сега имаме зголемување на пензиите кое ќе се врши 2 пати годишно, со вклучување 50% на трошоците на живот, и 50% со пораст на просечната плата, и тоа ќе биде трајно решение без никакви временски ограничувања, бидејќи е дел од законско решение поднесено во Собранието. Со интервентна мерка со три пати по 1.000 денари финансиска помош им излегуваме во пресрет на пензионерите како најизложени на енергетската криза“, рече премиерот Ковачевски.
Тој дополни дека една од препораките до министерствата и до институциите во државата е на максимално ниво да ги рационализираат трошоците.
„Тоа значи дека сѐ она што не е неопходно во услови на криза воопшто да не се набавува или да не се троши. Тоа не се однесува само на користење службени возила, туку и на трошење на репрезентација, на службени патувања и друго. Министерствата треба да дојдат со план за намалување на трошоците во своите ресори“, потенцираше премиерот Ковачевски во интервјуто за ТВ 24 Вести.