22/11/2024
Македонија

Ковачевски: Добро е што опозицијата не е против уставни измени, нам ни треба обединета Влада за европска интеграција, не за изолација

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска имаше средба со претседателот на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

На средбата се разговараше за важноста сите политички партии во државата да го поддржат европскиот пат на државата, со цел да се осигура европски квалитет на живот за граѓаните дома и членство на Република Северна Македонија во Европската Унија.

Во продолжение е интегралната изјава на премиерот Ковачевски, дадена по средбата:

„Сакам да изразам задоволство и драго ми е што денес се видовме со г. Мицкоски претседателот на ВМРО – ДПМНЕ, бидејќи сметам дека тоа е начин на кој треба да се комуницира на прашања кои се важни за иднината на државата, на граѓаните. Ваков демократски дијалог треба да има на сите нивоа, не само меѓу претседателите на политичките партии туку и меѓу пратениците во Собранието и меѓу претставниците на другите институции во кои се застапени и на локално ниво претставниците и на власта и на опозицијата.

Граѓаните заслужуваат да имаат функционални институции и заслужуваат да живеат во држава во која постои политички дијалог меѓу политичките партии кои застапуваат различни идеолошки провиненции. Од тој аспект е добро што имавме разговор.

Можам да кажам дека е добро што ставот утрово искажан од страна на потпретседателот на ВМРО – ДПМНЕ пред нивното партиско седиште, практично е променет и е различен од ова што го слушнав на средбата јас, меѓутоа што можевте и вие да го слушнете на прес конференцијата, а тоа е дека ВМРО – ДПМНЕ не е против уставни измени во државата. Тоа е заеднички заклучок и клучна порака од оваа средба која што ја имавме денес и тоа е добро, бидејќи вакви одлуки јас од прв ден кажав дека се одлуки на сите партии, на целото општество. Ова не е процес на еден човек, на една партија, не е процес на една Влада туку е процес во кој треба да учествуваат сите и заедно да обезбедат подобра и попросперитетна иднина на сегашните и на идните генерации.

На денешниот состанок се прави исто така јасна дистинкција за тоа дали ќе ја интегрираме државата во ЕУ или ќе ја оставиме изолирана што сметам дека е добро дијалогот кој се води да продолжи и на крајот сите заедно да изградиме еден став дека за државата е најдобро да биде интегрирана во ЕУ и со тоа да ги оствари целите за унапредување на општеството во сите сегменти, во делот на владеењето на правото, социјалната правда и економскиот просперитет кој се клучни придобивки од зачленувањето во ЕУ.

Моја лична цел и заложба на Владата која ја предводам е овој процес на евроинтеграции да биде успешен. Ги имаме стратешките цели на државата предвид меѓутоа сите може да се уверите во текот на изминатиот период дека ова е веќе стратешка цел и на нашите земји партнери како во ЕУ, НАТО така и на најголем стратешки партнер САД. Сите недвосмислено кажаа дека сега е моментот и имаме отворен прозорец за проширување на ЕУ и за влез на државите од Западен Балкан пред се тука се мисли на нас, на Албанија и Црна Гора во полноправно членство во ЕУ.

Токму затоа и уставните измени, односно вклучување на други делови од народи во преамбулата на нашиот устав се чекор напред на овој европски пат и гласот за нив, е глас за европската иднина на државата.

На таков начин, со таков глас станавме и земја членка на НАТО, на што денес сме сите горди од што сите ги чувствуваме бенефитите. Вие знаете дека во најтешката година имаме најголемо ниво на странски директни инвестиции, имаме најголемо покачување на минималната плата, историски најголемо покачување на пензиите, на просечната плата и тоа се придобивки од држава која што е практично од корисник на мировни мисии пред 30 години денес е фактор на стабилност во регионот на Западен Балкан што е потврдено и преку претседавањето со ОБСЕ, членството во НАТО и со тоа што кај нас се депонирани потписите од договорите меѓу земјите од Западен Балкан во рамки на Берлинскиот процес во нашето Министерство за надворешни работи.

Ова се надевам дека како заклучок треба да важи и ќе важи за сите политички партии во државата за сите избрани претставници на граѓаните, бидејќи кога сте избран претставник на граѓаните и политичка партија која застапува граѓани тогаш клучно е да се остваруваат стратешките цели кои носат подобар живот на истите тие граѓани.

Граѓаните дале доверба, мандат на пратениците да одлучуваат за нивно добро, нивен просперитет, а не дале глас да гледаат негативен натпревар меѓу политичарите, или ловење на политички поени токму на теми кои значат подобра иднина за истите тие граѓани.

Денес можам да кажам дека државата е на вистински пат, од меѓународната заедница, од нашите стратешки партнери имаме потврда за постигнатото. Сите вие сте сведоци на сите јавни изјави кои беа дадени и тука во Скопје и надвор од страна на Канцеларот на Германија, на претседателот на Франција, на претседателката на ЕК, на претседателот на ЕС, од страна на државниот секретар на САД и тие имаа исклучително јасни ставови во однос на тоа дека државата треба да ја донесе стратешката одлука со која што ќе го продолжиме патот на евроинтеграции и ќе станеме членка на ЕУ, кои што стратешки интерес на Северна Македонија е во согласност и со стратешките интереси на нашите партнери кои што можете и од нив директно да го слушнете.

Сите тие не охрабруваат и поддржуваат во напорите прво да ги донесеме овие одлуки и второ во реформите кои се прават и кои ќе се прават врз основа на извештаите од скрининг процесот којшто во моментот тече.

Во таа насока се и уставните измени. Овие измени реално не се однесуваат на ниту едно идентитетско прашање, туку преку обезбедување на правата на различните заедници кои живеат тука го штитиме идентитетот не само на другите, туку и сопствениот и се гордееме како функционално демократско мултиетничко, мултикултурно, мултиконфенсионално општество без разлика кој на кој дел од општеството му припаѓа, бидејќи ние сме Европа во маало со оглед на разноликоста на граѓаните кои живеат и на културата која ја имаме во нашата држава.

Ние се гордееме со фактот дека за оваа држава се бореле и ја изградиле сите заедници кои живеат во неа и кои денес Северна Македонија ја чувствуваат како свој сопствен дом и работат на нејзиното унапредување. Тој модел на соживот е негување на различностите и навистина тоа негување на различностите е една врвна европска вредност е практично основата и на постоењето на ЕУ.

Тоа е препознаено и поздравено од целиот демократски свет на јавна сцена и ние денес сме пример на општество кое што ги решило своите односи внатре во општеството и што може да се види и во извештајот на Генералниот секретар на ОН, г. Гутереш каде што Охридскиот рамковен договор е наведе како договор со кој се обезбедува трајно и одржливо решение во една држава која има разноликост по различни основи.

Ние досега многупати сме го верификувале македонскиот јазик и идентитет тој е влезен во преговарачката рамка, тој е јасно напишан како македонски јазик. Го потпишавме договорот ФРОНТЕКС на македонски јазик, каде што стојат сите други јазици на ЕУ одобрен од сите земји членки на ЕУ. Сите вие кои што бевте присутни на првата меѓувладина конференција, можевте да видите на кабините за превод дека јасно стоеше македонскиот јазик, билатералниот скрининг кој се одвива во ЕУ во моментов 80% се одвива на македонски јазик и законодавството на ЕУ се преведува на македонски јазик.

Со тоа, обврската која ја презеде ЕУ во однос на признавањето на јасен, чист македонски јазик без никакви додавки и фусноти или појаснувања го исполнува како преку состаноците, документите, така преку сите јавни настапи.

Тука сакам да споделам уште нешто, а тоа е дека една голема европска земја, една од најголемите, членка на ЕУ во текот на наредните недели ќе донесе резолуција со која се потврдува дека се препознава и признава недвосмислено македонскиот јазик, идентитет и македонската култура кои сметаат дека ќе го збогати европскиот идентитет и тоа ќе биде направено од страна на нивниот парламент како врвно законодавно тело во оваа држава.
 
Пред нас имаме одлука која што е политички тешка одлука, со оглед на дискурсот кој ја пратеше во текот на изминатата една година, со оглед на многубројни ставови кои што беа изнесени кои беа прилично дијаметрално спротивни до денес и таа одлука сите ние политичари имаме обврска да ја донесеме, бидејќи со неа обезбедуваме продолжување на европската интеграција на државата, подобар живот, иднина на сите граѓани. Нашите граѓани заслужуваат и сакаат да живеат во земја членка на ЕУ меѓутоа земја членка на ЕУ. Северна Македонија нашата, нивната земја, а не да живеат во земја членка на ЕУ во туѓа држава.

Затоа, на средбата предложив да го направиме следниот чекор и да ги изгласаме заедно уставните измени.

Бидејќи тоа е вистинското решение кое граѓаните го очекуваат од нас. Дополнително дадов предлог до претседателот на ВМРО – ДПМНЕ, доколку тие се сложат, заеднички и консензуално да пристапиме на остварувањето на оваа стратешка цел и сите заедно да ги гласаме уставните измени. Доколку сите заедно ги изгласаме уставните измени, отворањето, подготвувањето на амандманите, затворањето на уставот, тогаш предложив дека веднаш после последното гласање може да одиме на избори.

Тоа е став кој го имам кажано пред неколку месеци и кој јавно јас го имам соопштено меѓутоа и други членови на Владата и коалициони партнери.
 
Меѓутоа во текот на изминатиот период, слушајќи ги сите изјави кои беа давани од страна политичките субјекти, сфатив дека за г. Мицкоски и за ВМРО – ДПМНЕ е важно да бидат дел од власта. За да покажеме дека ние како Влада не сме ориентирани кон добивање на политички поени само за себе и дека не сме водени од свои партиски интерес и дека не сме фокусирани само на резултатот на следните избори, предложив заеднички да го изгласаме отворањето на уставот со 2/3 при што би гласале сите пратеници во Собранието кои што го поддржуваат европскиот пат на државата и кои се определени за ЕУ и веднаш утредента ВМРО – ДПМНЕ да влезе во Владата при што СДСМ ќе ослободи половина од своите места за претставници на ВМРО – ДПМНЕ: На тој начин ќе обезбедиме Влада која обединува и која ги обединува сите политички партии кои што се за ЕУ, а денес слушнавме дека тоа веќе не е проблем за ВМРО –ДПМНЕ, на тој начин таа Влада во која ќе бидат дел сите партии кои се за ЕУ – интеграции, кои во минатото покажеле дека се за ЕУ и евроатлански интеграции ќе бидат дел од истата. Ќе го спроведе таа Влада процесот на уставни измени, таа Влада ќе го заврши скрининг процесот кој е во тек, таа Влада ќе го затвори процесот на уставните измени и таа Влада ќе ги отвори поглавјата како втора фаза од преговарачкиот процес и дури може и да затвори едно или две од поглавјата кои се дел од првиот кластер. И дополнително таа Влада ќе може да ги организира и следните избори.

На тоа додадов дополнително за да обезбедиме, иако тоа е веќе обезбедено во преговарачката рамка, со сигурност меѓутоа тоа стои во преговарачката рамка, меѓутоа ајде уште еден дополнителен чекор, уставните измени кои ќе се донесат во своите завршни и преодни одредби како што веќе имало случај во минатото, да имаат одредба со која што важат во моментот на одржување на втората меѓувладина конференција која е практично и закажана без никакво одлагање по правењето на уставните измени во преговарачката рамка.

Се друго вон тоа, е разговор надвор од преговарачката рамка, бидејќи таа е донесена од страна на сите 27 земји членки на ЕУ, цел тим учествуваше во преговори на таа преговарачка рамка, таа беше доставена од француското претседателство и сметаме дека е компромис којшто овозможува прво непречено одвивање на интеграциите на нашата држава, второ заштита на македонскиот јазик, култура, идентитет во рамки на ЕУ.

Верзијата која назад ја добив од г. Мицкоски вие ја слушнавте тој ја кажа на прес-конференција, дури и образложи што јас сум предложил. Тој сметаше дека некои партии не треба да бидат дел од Владата, некои требало да бидат. Сметам дека на нас ни треба Влада во која што ќе биде едно широко обединување на сите, која што Влада ќе има јасна цел и целите ви ги кажав. Уставните измени, завршување на скрининг процесот, завршување на уставните измени, почеток на отворање на поглавјата дури и затворање на едно или две, и потоа подготовка за следни избори во терминот кој е предвиден согласно со закон. Сметам дека тоа ќе биде Влада на обединување, Влада на ЕУ – интеграција,  а не на изолација и на дестабилизација. Бидејќи други сценарија може да доведат до други резултати во општеството како што на пример гледаме во рамки на голем број на други држави кога се прават одредени работи непринципиелно или врз основа на одредени субјективни оценки.

Јас кажав и пак ќе кажам за мене ова не е борба за власт, за мене е борба за иднината на државата. Од тоа нема да отстапам. Ме радува фактот што претседателот на ВМРО – ДПМНЕ и претставник на ВМРО – ДПМНЕ денес кажаа дека за ВМРО – ДПМНЕ не е проблем правењето на уставните измени и вметнувањето на други делови од народи во рамки на нашиот устав. Бидејќи ние не смееме да ја блокираме нашата иднина и иднината на следните генерации. Ние нашите млади, нашите деца заслужуваме и заслужуваат да живеат во земја членка на ЕУ тука дома во Северна Македонија, а не во туѓина.

Во текот на изминатиот период се слушаа многу ставови дека можело да се добие подобар договор, дека можело да се репреговара. Гледајте, ние имаме и искуство од 2008 година, кога можевме уште тогаш да станеме земја членка на НАТО, меѓутоа таа шанса ја испуштивме, знаете каков предлог имавме тогаш на маса, кој што беше одбиен и каков предлог добивме на крај кој што беше прифатен и со кој што станавме земја членка на НАТО. Затоа сметам и исто така повикувајќи се на изјавите на најголемите авторитети на ЕУ, меѓутоа и на земјите членки на ЕУ, на нивните претседатели, премиери, претставници на САД, високи претставници, дека тоа што се слуша, дека за 3 или 5 години може да се добие подобар договор, тоа сметам дека е манипулација. И дека до такво нешто нема да дојде и според нивните зборови и според процедурата во ЕУ, бидејќи преговарачката рамка е одобрена од сите 27 земји членки на ЕУ и првата меѓувладина конференција се одржа во присуство на претставници на сите 27 земји членки на ЕУ и сите состаноци исто така се одржуваат на нашиот тим со претставници на ЕК, која што е составена од претставници на сите земји членки на ЕУ.

Ние сме подготвени, јас тоа денес го покажав, да изнајдеме решение кое што ќе донесе обединување и победа за македонските граѓани, за државата, добро е што опозицијата се соочи со реалноста, во однос на уставните промени и потребата од нивното носење. Сметам дека доколку добро ја анализираат преговарачката рамка, таа е јавно достапна, објавена, дека исто така ќе се согласат и со неа, бидејќи таму многу јасно се наведени истите гаранции и сите обврски кои што ги има ЕУ, и обврската која што ја имаме ние, каде што се е направено на македонски јазик. Затоа сметам дека овој дијалог треба да продолжи, можеби не треба да биде секогаш со најавување со големи настани или големи прес – конференции, ние имаме и Парламент во кој што треба да се одвива дискусијата во рамките на оваа институција, каде што сите се застапени, бидејќи ЕУ е нашиот единствен пат и единствена алтернатива, до сега никој не понуди друга алтернатива за државата, ниту пак некоја друга организација на држави понуди соработка или помош на ниво како што тоа го прави ЕУ.

Исто така разговаравме и во однос на помошта која што ЕУ ја пружи на нашата држава, јас можам да ви кажам од позиција на претседател на Влада, дека помошта секоја година од ЕУ е минимум 100 милиони евра, оваа година е дури и повеќе, сите бевте свесни дека ЕУ подобри 80 милиони евра буџетска поддршка за нашата држава да се справи подобро со енергетската криза и дополнително добивме 100 милиони евра макрофинансиска поддршка со исклучително поволни каматни стапки. Дополнително ние сме дел од инвестицискиот фонд за Западен Балкан и сите големи проекти кои што ги имаме како што е железницата, коридорот 8 и други големи инфраструктурни проекти, вклучувајќи ги и гасоводите со Република Грција бидејќи тоа е дел од добрососедските односи се поддржани од овој фонд. Се разбира дека ние секогаш можеме да разговараме со ЕУ и поединечно меѓутоа и заедно со земјите од регионот, како што го направивме тоа со премиерот на Албанија на ГЛОБСЕК конференцијата каде што јасно кажавме дека помошта која што ја добиваат земјите членки на ЕУ од југоисточна Европа е 11 пати поголема по глава на жител од помошта која што ја добиваат земји кандидати, тоа се однесува на кохезионите фондови и ние веќе работиме со претседателката на ЕК, со г – ѓа Фон дер Лајен на зголемување на учеството по глава на жител на таа помош за нашите граѓани, како и на можноста за вклучување во одредени сектори на ЕУ и пред самото пристапување, бидејќи пристапувањето е процес кој што сметам дека ќе го завршиме до 2030 година, но и пред тоа да можат нашите компании, нашите граѓани, да бидат дел од ЕУ како што е впрочем примерот со визната либерализација или со вклучувањето во енергетската заедница на ЕУ или транспортната заедница на ЕУ.

Скринингот исто така ќе покаже и на кое ниво на подготвеност сме точно во секоја област и секое поглавје, и што треба да се направи понатаму, бидејќи тогаш ќе постои една да кажам институција, ЕК која што многу јасно тоа ќе ни го покаже, нема да остане на нас самите, на било кого без разлика на политичка провиненција или која Влада и да е, да кажува што треба да направи, да направи па сама да се оценува, тогаш ќе има процес како што го поминале сите европски држави и сметам дека  тоа е процес кој што ние го имаме и капацитет и знаење сите заедно да го изодиме откако ќе ги донесеме големите одлуки во Собранието.

Се друго, се билатерални прашања кој што ние ги имаме со Бугарија, и тие се билатерални односи помеѓу нашата држава и Бугарија кои што се регулирани во договорот кој што го имаме потпишано и кои што сите во државата го имаат одобрено и преку гласање во парламент и преку јавни изјави, дадени пред медиуми, било да е тоа со претставници на бугарска Влада, или со претставници на друга земја членка на ЕУ. Вие го видовте мојот јасен став по однос на придржувањето на сите наши соседи, вклучително и Бугарија во однос на спроведувањето на судските одлуки, на ЕСЧП, јас тоа го кажав многу јасно, на Самитот на Советот на Европа во Исланд, тоа беше многу јасен став, каде што ја кажав нашата позиција, кај нас на врвно ниво се издигнати правата на сите припадници на други народи, различни од македонскиот и дека тоа треба да го практикуваат сите држави, вклучително и сите наши соседни држави. Така да исто така сакам да потенцирам уште една работа, дека ништо не се прави под ничии диктат, ништо не се прави под диктат на било која држава, и ништо не се прави под бугарски диктат како што слушаме од изјави кои што се даваат од страна на претставници на опозицијата кои што ставови беа цврсти до пред 2 саати, меѓутоа сега можеме да кажеме дека се придвижуваме кон еден заеднички став дека ова е потребна одлука која што треба заедно да ја донесеме.

Бугарија како и секоја друга земја членка на ЕУ може да изрази мислење во однос на реформите во државата кои се однесуваат на Копенхагенските критериуми и тоа е дел од процесот на реформи, меѓутоа не е дел од билатералните прашања за кои што се формирани комисии кои работат на консензуална основа и спроведуваат решенија на реципрочна основа во двете држави.

Она што се случува и она што го правиме е точно дефинирано во нашата преговарачка рамка на Северна Македонија со ЕУ доставена од страна на француското претседателство, усвоена од страна на сите 27 земји и со тоа започнаа преговорите кои точно се одвиваат по фази, прво скрининг, па извештаи па отворање на поглавјата и кластерите.

Сметам дека носењето на овие одлуки ќе влијаат исто така позитивно и на нашите добрососедски односи. Тука пред се мислам дека носењето на оваа одлука и прогресот кој државата ќе го направи ќе влијае позитивно и на договорот од Преспа бидејќи знаете после договорот од Преспа, еден од нашите најголеми поддржувачи во ЕУ – интеграциите е токму Грција, исто така ќе влијае и на договорот со Бугарија, и нормално дека позитивно оваа одлука ќе влијае и на другите соседни држави и организации кои се наоѓаме, а тоа се Берлинскиот процес, Отворен Балкан како и односите со сите соседи поединечно.

Ако ги уништиме овие односи и ако ја пропуштиме оваа шанса, кога се наоѓаме во ситуација да сме фактор на стабилност во земјите на Западен Балкан тогаш сметам дека ќе се направи истата грешка која беше направена во 2008 година после која држава помина еден долг период на чекање, на внатрешна изолација, на би рекол внатрешни турбуленции или несакана динамика на меѓуетничките односи. Сметам дека не треба да се доведеме во таква ситуација, бидејќи на нас ни треба интеграција а не ни треба изолација. На нас ни треба обединување на сите, а не исклучување на било кого.“