23/11/2024
Македонија

Ковачевски за неделникот Фокус: Со антикризните мерки ги заштитивме граѓаните, компаниите и економијата

Сите пакети антикризни мерки што ги донесовме досега се за поддршка на економијата и во својот фокус ги имаат граѓаните, нивните работни места, социјалната сигурност, солидарност, креирање амбиент за надминување на предизвиците од светските кризи и ефикасни излезни стратегии кон позитивните трендови на македонската економија, потенцираше претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, во интервју за неделникот „Фокус“.
 
Премиерот Ковачевски, посочи дека со сите пакети антикризни мерки се опфатени граѓаните на кои им беше најпотребна поддршка и компаниите.

„Ова не се предизборни мерки, ова се мерки за поддршка за граѓаните, за да има повеќе за сите кога е најпотребно. Имаме должност и обврска кон граѓаните и кон стопанството да помагаме кога е најпотребно, но и да осигураме европски квалитет на живот, да ја движиме државата напред и во извесна иднина“ вели премиерот Ковачевски.

За околу три и пол години, се донесени пакети антикризни мерки во вредност од над 2 милијарди. Ланскиот пакет мерки беше во износ од 760 милиони евра, најновиот деветти пакет е во износ од 662 милиони евра, мерки за поддршка на младите, социјално ранливи категории на граѓани, пензионерите, земјоделците, компаниите и други категории.

Во интервјуто премиерот Ковачевски, посочува дека паралелно, статистиката регистрира и раст на платите и на пензиите. Просечната нето плата во септември 2023 година е 37.876 денари или 613 евра, а ветивме 500 евра. Ова значи дека ја покачивме просечната плата за 250 евра во однос на 2016 година, кога изнесувала околу 360 евра, или 22.460 денари.

„Оваа Влада, за 5 ипол години ја покачи платата речиси двојно повеќе, од тоа што го направила Влада на ВМРО ДПМНЕ за 10 години. Денес, имаме и историски највисока минимална плата и изнесува 20.175 денари или 328 евра. Тоа е платата која што мора работодавачот да ја исплати. Од 2012 година до 2016 година, значи за 5 години, минималната плата пораснала само за 2.000 денари (од 8.050 на 10.080 денари). А, тогаш немало ни светска здравствена, ниту светска економска криза. Со новата методологија на пресметка на пензиите, пензиите веќе пораснаа во просек 5.000 денари во однос на тоа што изнесуваа. Просечната пензија денес изнесува 20.100 денари што е за 6.400 денари повеќе во однос на 2016 година. Само за година и половина имаме 24% покачување на пензиите. Минималната пензија денес изнесува 13.150 денари, што е за 4.300 денари повисока во однос на 2016 година, односно повисока пензија 47%“, вели премиерот Ковачевски во интервјуто, додавајќи дека сите овие бројки се резултат на системски политики и мерки, кои помогнаа во справување со кризата, заштита на граѓаните, одржливост на ликвидноста на компаниите и економијата.