25/11/2024
Македонија

Ковачевски: Илинден е и ќе биде нашата сила за светла, европска иднина за сите граѓани на Северна Македонија

Во предвечерието на големиот национален празник 2 Август, Илинден и Денот на Републиката, претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски присуствуваше и се обрати на отворањето на традиционалната манифестација, Научно-културните средби „Десет дена Крушевска Република“, која од 1 до 10 август се одржува секоја година во Крушево.

Манифестацијата ја илустрира нашата богата култура, отсликувајќи и пренесувајќи го историското наследство на градот, истовремено изразувајќи го мултиетничкиот живот и заедништвото на различностите, на граѓаните кои тука живеат.

Во своето обраќање премиерот Ковачевски упати пораки за просперитет, подобра иднина и напредок за сите граѓани во Република Северна Македонија.

Во продолжение обраќањето на премиерот Ковачевски во целина:

„Добровечер домаќини – добровечер крушевчани и крушевчанки, добровечер Крушево – граду востанички.

Добровечер граѓанки и граѓани, наследнички и наследници на револуционерна 1903 година, на антифашистичка 1944 година, на Илинден – НАШАТА СИЛА ЗА ИДНИНАТА!

Во предвечерието на денот на македонската државност, на значајниот државен празник Илинден, оддаваме почит на борците од Крушевската Република и на сите борци кои ги положија животите во темелите на нашата Република – денешна слободна, независна, демократска, прогресивна, атлантска и европска, Република Северна Македонија!

Нека им се вечни славата и делата на сите кои се вградија во оваа наша независна држава.

Славата и делата на илинденските херои, се нашата сила за иднината, тие се доказ дека секоја борба вреди, кога се има вредна цел.

И ако треба накусо да се одговори што е тоа што Никола Карев, Питу Гули, Гоце Делчев, или кој било од нивните современици и сомисленици ги прави големи – тоа се тие самите, но пред сè поради тоа што ставиле пред себе нешто поголемо, заедничко и обединувачко – поставиле ИДЕЈА.

Крушевската Република е идеја за автономна Македонија.

Антифашистичката борба е идеја за слободна Македонија.

На илинденските идеи од 1903 и 1944 година, во 1991-та година, се поставени темелите на самостојна и суверена Република Македонија.

На илинденските идеи од 1903-та и 1944-та ја градиме и современа и перспективна Република Северна Македонија.

И затоа јас денес решив да зборувам за идеите коишто значат перспективи.

Почитувани граѓани,

Во периодот од независноста до денес се соочуваме со различни предизвици по патот на развојот, одвнатре и однадвор.

Но, се боревме и продолжуваме да се бориме. И во изминатите неколку години постигнавме значителен напредок кон стратешките цели и квалитетот на живот.

Ова е потврда дека резултатите се можни, кога се бориме посветено и кога се бориме за вредности.

Постигнавме членство во НАТО. Ги осигуравме границите на државата, со меѓународно признаен територијален интегритет.

И зачекоривме, одлучно, како никогаш досега, кон нашата следна цел – полноправно членство во Европската Унија, со признаен чист македонски јазик и македонски идентитет.

Продолжуваме одлучно по европскиот пат, бидејќи тоа е патот на иднината и патот на прогресот.

Ако бараме потврда за правиот пат – еве ја тука на 2 август.

Светилникот на прогресот ни е поставен уште од илинденците. Прогресивната, илинденска идеја ја бележи и Крушевскиот манифест.

Илинденската идеја има континуитет низ вековите и ги поврзува нашето минато, сегашноста и иднината. Се покажала функционална и се покажала државотворна.

Ги обединува граѓаните кои живеат заедно на ова наше заедничко парче родна земја. Трасира пат на државата кон светот.  И таа ни е и аманет и правец, кон напредна и современа држава, во којашто луѓето живеат слободно и достоинствено, интегрирани во семејството на демократски држави и народи во светот.

Затоа оттука има само напред!

И не постои сила што може да застане на патот на европскиот напредок на нашата држава!

А, ако некој случајно решил да ја преиспита прогресивната суштина на илинденската идеја, да блокира или кочи развој – тој, за сите е јасно, дека има различни мотиви и цели, од тоа што е интерес на граѓаните и државата.

Минатото, покажува дека само режимски системи кочеле прогресивни идеи.

Но, ние пред нас ја имаме големата визија на големиот Гоце Делчев и таа е и останува нашата политика.

Уште пред повеќе од еден век, културниот и духовен револуционер, кој има историски придонес во создавањето на македонската државност, ја изнел хуманистичката идеја низ којашто соопштил дека го разбира светот како поле за културен натпревар меѓу народите.

Ваквата прогресивна идеја е и во основата на Европа, кон којашто стратешки се определивме.

Европа, нашата следна цел, не е само унија на држави, почитувани граѓани, туку таа е вредносен концепт што на ова наше тло е негуван со генерации.

Во Европската Унија се обединети различни националности, традиции, вери, култури. Претставниците на државите, денес, седнати на заедничката европска маса, разменуваат идеи и вредности коишто им се мотив за себенадраснување, а не пречка.

На овој начин им го олеснуваат животот на своите граѓани, ги развиваат економиите, се солидаризираат по прашањата од важност за егзистенцијата, безбедноста и сигурноста.

Таа Европа, ги отвора вратите и за Република Северна Македонија, со признание на македонскиот народ, идентитет, јазик, историја и култура, коишто се неоспорен факт и со почит кон нашата држава, како пример за мултикултурност.

Имаме вековна традиција на соживот и богатство на различности и култури.

Градиме едно и еднакво општество за сите граѓани, Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци и сите други – и немаме предрасуда кон кого било, бидејќи потврдивме дека сме функционална граѓанска демократија.

Со овој пристап, којшто е идентичен со европскиот пристап, којшто се совпаѓа со илинденската идеја на заедништво – ние продолжуваме да се развиваме.

Како Македонци кои говорат македонски јазик, ни е отворен простор на европската маса.

Првите документи во Брисел веќе се преведуваат на македонски јазик.

Никој повеќе не може и нема потреба да зборува во наше име.

Нашето минато тече во нашите вени – и никој не може да го одземе, дури и да сака.

Ние нема од што да се плашиме, ниту ни доликува да се откажуваме од битки.

Илинденците и асномците со оружје јуришале кон иднината за којашто верувале.

Тоа е сегашноста што ја живееме ние денес, слободна и независна македонска држава.

И ние имаме обврска да јуришаме кон иднината во којашто веруваме, а тоа е европската иднина за нашите деца и идните генерации.

Сакам да порачам: водството не е човек, водството е идеја!

Да сработиме напорно сите и да ја осигураме европската иднина.

Тоа е идејата зад којашто вреди и мора да застанеме сите, не утре – туку денес, сега!

„Сега“ е тоа што зависи од нас – она што ние можеме, треба и мора да го направиме.

Ова не е битка за минато! Таа битка илинденците ја воделе и ја добиле!

Оваа битка пред нас, почитувани граѓани, е битка за сегашноста и иднината и оваа битка, ве уверувам, заедно – ќе ја добиеме!

Херојство е соочување, заедништво и меѓусебно разбирање.

Затоа повикувам, сите, независно од нашата национална, етничка, верска, политичка или друга припадност, да покажеме патриотизам на дело и да продолжиме по аманетот на илинденците напред, а тоа е европскиот пат што го избравме.  

Ја имаме шансата да дебатираме и економски да се развиваме, рамо до рамо со европските демократии.

Ние, генерациите на денешнината, ја имаме можноста да отвориме ново, светло поглавје во македонската историја.

Ние сме сигурни во европскиот концепт којшто е определба на мнозинството граѓани во Република Северна Македонија.

Илинден е и ќе биде нашата сила за европската иднина.

Борбата мора да продолжи, затоа што слободата се чува, а иднината се освојува.

Почитувани граѓани,

Нека ни е честит и вековит Илинден и заедно да одиме во нови победи!“