Ковачевски: Северна Македонија ги започна преговорите со ЕУ, македонскиот јазик е чист во преговарачката рамка
„Собранието донесе одлука оваа држава да продолжи по патот на своите европски интеграции. Во таа одлука учествуваа пратеници од политички партии коишто застапуваат најширок круг граѓани во државата. Оваа држава ќе оди на патот на европските интеграции“, порача премиерот Димитар Ковачевски, на седницата за пратенички прашања во Собранието на Република Северна Македонија.
Претседателот на Владата, Ковачевски, констатираше дека од страна на дел од опозицијата се изнесени лаги пред одржувањето на таа седница, врз основа на коишто беа организирани и протестите.
„Прво, Република Северна Македонија одржа прва меѓувладина конференција. Второ, македонскиот јазик е чист во преговарачката рамка – на тоа може да бидат горди сите оние 68 пратеници кои кренаа рака македонскиот јазик конечно да го видите сите и веројатно сте го виделе, во ЕУ. Трето, во однос на вашата политика којашто ја правевте тука со палење, со ширење невистини – тоа не личи на едно демохристијанска партија. Тоа што го гледавме тука, со какви зборови се обративте на претседател на ЕК – треба да се срамите од тоа што го направивте“, порача премиерот Ковачевски.
Тој одговори и на барањето за референдум.
„Политиката којашто ја водите на штитење интереси на трети држави во оваа држава, е најпогубно нешто што некој може да го прави на граѓаните на Република Северна Македонија. Вие имате проблем. Вие не знаете какво референдумско прашање сакате. Вие сакате прашање дали сте против зачленување во ЕУ со чист македонски јазик и заштитен идентитет и тоа чист македонски јазик потврден, при што веќе се потпишува договор за превод на македонското законодавство со ЕУ, веќе сите видовте на кој превод се работеше целата конференција и скринингот којшто започна“, рече премиерот Ковачевски.
Претседателот на Владата, Ковачевски, додаде дека опозициската партија којашто зборува за референдум, е против сите стратешки одлуки на државата и повика тоа да го расчистат во нивните редови.
„Ако некоја партија беше против членството во НАТО, тоа беше вашата партија, ако некоја партија беше против релаксирањето на меѓуетничките односи во државата, тоа беше вашата партија. Ако некој е против членство во ЕУ, тоа е вашата партија и тоа се факти.
Во едно гласање немате учествувано. Такво бегање, да се излегува, па барем ако сакате гласајте против, седете и гласајте против“, рече премиерот Ковачевски.
„Прво седнете во партијата, видете дали сакате оваа држава да оди во полноправно членство во ЕУ или не сакате. А јас знам што ќе ви одговори народот, затоа што и во опозицијата не постои партија којашто ве поддржува, освен Апасиев којшто треба во прв ред да го седнете тука. Начинот на којшто се однесувате, начинот на едно домашно невоспитување кое го покажувате само тоа ве доликува“, констатираше премиерот Ковачевски, на седницата за пратенички прашања во Парламентот.
https://youtu.be/_aUR8-iXxPs