Ковачевски: Сите работници кои работат во недела мора да добиваат најмалку 50% повисока дневница
„Денешната посета на „Дура Аутомотив Системс“ е одлична можност да се види како изгледа примената на законското решение „Недела неработен ден“. Вработените на оваа компанија, која заради сложениот производствен процес мора да работи и во недела, добиваат дополнителни 50% од основната дневница. Со тоа просечната плата на оние вработени кои работат во недела во оваа компанија порасна“, рече премиерот Димитар Ковачевски на денешната посета на фабриката „Дура“, лоцирана во ТИРЗ 2 зоната.
Премиерот Ковачевски заедно со менаџментот на компанијата, министерската за труд и социјална политика Јована Тренчевска, директорите на ТИРЗ Јован Деспотовски и на Државен инспекторат за труд, Весна Томовска, денешната посета ја искористија и како можност за разговор со дел од работниците кои изразија задоволство од новиот закон.
„Трудот на работниците мора соодветно да се вреднува и почитува. Овој закон има многу позитивен ефект врз економијата, тој ги стимулира работниците и позитивно влијае на нивната продуктивност што е во интерес и на самите компании. Законот недела неработен ден ќе даде одлични резултати во зголемување на продуктивноста на компаниите и унапредување на стопанството. Во оваа прилика би сакал да им честитам на раководството на „Дура“ кои покрај двете фабрики, планираат и нова трета инвестиција во фабрика, инвестиција од над 20 милиони евра. Висината на инвестицијата во двете фабрики каде има 680 вработени е речиси 70 милиони евра. Она што е важно е дека просечната нето-плата во оваа компанија е над 600 евра и истата има тенденција за натамошен раст. Клучот за успешна стратегија во делот на странските инвестиции е обезбедување одржливост и развој на инвестициите, но и натпросечни плати со што се подобрува квалитетот на животот и примањата на граѓаните“, рече Ковачевски.
Премиерот Ковачевски посака успешна работа за компанијата која има над 100 годишна историја во автомобилската индустрија.