Ковачевски: СОНК треба да биде искрен пред членовите, заедничко решение може да се најде
Заедничко решение може и ќе се најде, потенцираше премиерот Ковачевски во одговор на новинарско прашање, но СОНК треба да биде искрен пред членовите дека Владата уште од првиот ден е отворена за преговори и за разговори, исто така кажавме дека разговори не се водат под уцена, туку се водат низ дијалог.
„Ние ја покачивме минималната плата и постои законски рок од 6 месеци за усогласување на платите, СОНК без да го отвори дијалогот во рамки на тие 6 месеци го започна штрајкот. Според мене ги доведе до заблуда и наставниците бидејќи кога претседателот на СОНК ги образложуваше членовите од договорот за исплаќање на плата во време на штрајк не беше искрен до крај. Не ги кажа точните членови и не ги кажа до крај сите членови во однос на тие законски решенија, тоа треба да го направи“, истакна премиерот Ковачевски.
Ковачевски нагласи дека Владата најави дека ќе разговара со репрезентативниот синдикат во однос на зголемувањето на платите во јавниот сектор и за воведување на нова методологија за зголемување во иднината на платите.
„Отвораме процес за изработка на нов закон за плати во државата со кој ќе се отстранат голем број на неконзистентности што постојат во јавниот сектор, како и отворање на процес на реформи бидејќи тој брои повеќе од 132.000 вработени. Тие 132.000 се платени од вработените во приватниот сектор и доколку се покачува платата треба да се испорача и подобра услуга за граѓаните што ги плаќаат вработените во јавниот сектор. Најлесно е да се покачи плата во јавен сектор, синдикатот ќе побара, Владата ќе одобри, но треба да платат даночните обврзници. Но, тие даночни обврзници треба да добијат и повисоко ниво на услуга“, рече премиерот Ковачевски.
Премиерот Ковачевски дополни дека низ разговор со репрезентативниот синдикат ќе се бара решение за зголемување на платите во јавниот и ги повика наставниците да се вратат во училиштата.
„Наставниците се тие кои го градат човечкиот капитал во државата. Тие претставуваат авангарда и интелигенција во секое општеството. Јас секогаш сум бил на нивната страна затоа и го имаме отворено дијалогот кој е во постојан континуитет, освен тогаш кога СОНК ќе реши да штрајкува без да има завршен дијалог за кој што постојат и законски прописи и рокови, меѓутоа јас сум уверен дека ќе дојдеме до достоинствено и долгорочно решение за вработените во јавниот сектор“, посочи претседателот на Владата Димитар Ковачевски.