23/11/2024
Македонија

Ковачевски: Со координацијата меѓу институциите, борбата против корупцијата и криминалот ќе даде резултат

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски денеска имаше обраќање на тркалезната маса на тема „Култура на интегритет – Пат до успех во борбата против корупцијата“.

На настанот, кој е дел од проектот „Промовирање на транспарентност и одговорност во јавната администрација на Северна Македонија“, учествуваа и заменик-претседателката во Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерот за правда Никола Тупанчески, министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити, министерот за локална самоуправа Горан Милевски, директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска, други претставници на владините институции, претседателката на Државната комисија за спречување корупција Билјана Ивановска и заменик шефот на Делегацијата на ЕУ во нашата земја Јулијан Васало.

Проектот „Промовирање на транспарентност и одговорност во јавната администрација на Северна Македонија“ има за цел да ги постави темелите и заложбите на сите институции во насока на целосно воведување на системот на интегритет, правилна имплементација на Законот за заштита на укажувачите и успешно исполнување на препораките од ГРЕКО, во насока на откривање и управување со судирот на интересите на претставниците на извршната власт.

Во продолжение на ова соопштение, ви го пренесуваме обраќањето на премиерот Ковачевски во целост:

„Почитувани гости и учесници на тркалезна маса на тема „Култура на интегритет – Пат до успех во борбата против корупцијата“

Дозволете ми да ви посакам добредојде во Владата на Република Северна Македонија.

Ви посакувам успешна дебата на тркалезна маса на тема „Култура на интегритет – Пат до успех во борбата против корупцијата“, која е дел од проектот „Промовирање на транспарентност и одговорност во јавната администрација на Северна Македонија“.

Од овој клучен состав на експерти и креатори на политики врзани со борбата против корупцијата очекувам продлабочена дебата и препораки кои ќе ни бидат од исклучителна полза за еден од нашите врвни приоритети – спречувањето и борбата против корупцијата.

Корупцијата на сите нивоа е една од најподмолните закани за општеството и за сите граѓани. Општеството, институциите, особено оние институции и поединци кои се најодговорни и најповикани, мораат да ги препознаат, спречат и казнат сите форми на корупција. Ако за тоа нема волја или ако тие механизми се попречени на било кој начин, оваа општествена болест ќе ги опфати сите витални делови на заедницата и ќе го спречи нејзиниот развој.

Нашата заложба е креирање општество во кое инсистираме на еднаков пристап до правдата, ефикасно владеење на правото на сите нивоа, како и транспарентни, ефективни и одговорни институции.

Од досегашното искуство, но и согласно препораките, ние мора без одлагање да ги удвоиме напорите за препознавање, спречување и решавање на коруптивните дејствија кои создадоа ситуации на раширена перцепција за корупцијата.

Од една страна, заедничкиот чекор кој треба да го направиме е да се спротивставиме на создавање на амбиент каде кој било ќе се почувствува привилегиран. Од друга страна пак, наша задача е да создадеме услови во кои ќе се осигураме дека правдата и казната за дела од корупцијата, нема да заобиколи никој.

Остварувањето на оваа цел, која е идентична со целта на граѓаните на Република Северна Македонија, ќе се оствари со заложбата на Владата и нејзините политики и стратегии за борба против корупцијата.

Ист таков пристап очекуваме и од народните избраници во Парламентот, како и од сите функционери во извршната и во судската власт. Да се отстрани корупцијата во сите нејзини форми и во сите структури на општеството.

За да го постигнеме тоа, мора да се обезбеди одговорно, инклузивно и транспарентно носење одлуки на сите нивоа. Да се развијат ефективни, одговорни и транспарентни институции и да бидеме единствени и заедно во бескомпромисната борба против корупцијата и криминалот на сите нивоа.

Тоа треба да биде наш заеднички влог за оправдување на довербата што ни ја дадоа граѓаните затоа што во нашите изборни програми борбата против корупцијата има видно место.

Минатата година извештајот на ГРЕКО за Република Северна Македонија со препораките од петтиот круг на евалуација, на тема „Превенција од корупција и промовирање на интегритет на централната власт“ нотираше напредок во делот на препораките за борба против корупција.

Тоа е показател за јасно изразената политичка волја, за спречување и крајно искоренување на корупцијата.

Во Извештајот позитивно е оценето донесувањето на новиот Кодекс за етичко однесување, а особено е потенцирано, дека се постапува согласно одредбите од Кодексот, односно дека веќе нема случаи на неразрешени функционери.

Беше поздравено и тоа што транспарентното се објавени имињата и висината на приходите на сите советници во Владата и министерствата на нивните веб-страници.

Она што е мошне значајно е дека ГРЕКО потврди дека Владата обезбедила значителни финансиски, материјални  и човечки ресурси за работа на Државната комисија за спречување на корупцијата.

Во меѓувреме беше решено и просторното сместување на Комисијата во современ објект за непречено извршување на нивната исклучително значајна работа.

За оваа Влада секоја пристигната иницијатива од Државната комисија за спречување на корупцијата внимателно и детално се разгледува и се постапува по истите. Во целиот процес на борбата против корупцијата исклучително важна е соработката со сите надлежни антикорупциски институции, со независните тела, невладиниот сектор, бизнис заедницата.

Како Влада имаме комплетна насоченост и почитување кон сите независни тела во државата, а пред се кон Државната комисија за спречување корупција, како една од клучните институции во откривањето и спречувањето корупција.

Имаме Закон за заштита на укажувачите, но она што имаме силна определба да го направиме е да го усовршиме функционирањето на системот на укажувачи за да ги извлечеме максималните можности од законските можности.

Сите органи на државната управа, самостојните органи, управни организации и единици на локална самоуправа ќе треба да назначат овластено лице за прием на пријави доставени заради заштитено внатрешно пријавување кое ќе работи според многу јасен протокол за заштита на „свиркачите“.

Со законот се опфатени сите мерки за заштита на укажувачите, но со дополнителни подзаконски акти ќе ја зајакнеме сигурноста и заштитата на овие граѓани за да охрабриме поголем број граѓани да се осмелат и безбедно да учествуваат во борбата против корупцијата како наша заедничка.

Согласно препораките на ГРЕКО во напредна фаза е дигитализацијата на судовите и обвинителствата.

Успешно се исполнети препораките за јавно објавување на сите претставки и предлози покренати за дисциплинска и кривична одговорност на полициските службеници.

Назначени се посебни лица за интегритет во рамки на МВР. Континуирано се спроведуваат обуки на сите политички службеници во врска со јакнењето на нивниот интегритет и спречувањето на конфликтот на интереси.

Министерството за внатрешни работи го дополни и Етичкиот кодекс на полициските службеници, со што сега се регулирани прашањата за конфликт на интереси, решавањето на случаите на корупција и примањето дарови од страна на полициските службеници.

Почитувани,

Борбата против корупцијата е процес за којшто ни треба единство. Ни треба соработка и придонес од секого. Затоа, уште повеќе ќе ја зајакнеме координацијата меѓу надлежните институции, министерствата, независните институции како што се Државната комисија за спречување корупција и судовите, невладиниот и приватниот сектор.

Само така бескомпромисната борба против корупцијата и криминалот на сите нивоа ќе даде резултати. Тоа е нашиот влог за довербата што ни ја дадоа граѓаните.

Секој да го дадеме сопствениот придонес корупцијата да стане приказна од минатото.

Нула толеранција за корупцијата за општество еднакво за сите.

Благодарам.“