26/11/2024
Македонија

Ковачевски: Со коридорите 8 и 10-д се позиционираме на инфраструктурната карта на Европа, се отвораат нови работни места и нови инвестиции

Изградбата на коридорите 8 и 10-д е најголемиот инфраструктурен стратешки проект којшто досега се има случено во државата, порача премиерот Димитар Ковачевски, на седницата за пратенички прашања во Собранието на Република Северна Македонија.

„Изградбата на коридорот 8 и 10-д е стратешки проект од национален интерес за државата. Ги поврзуваме градовите, нашата држава со околните држави со модерна патна инфраструктура. За прв пат како држава се поврзуваме кон запад и исток, а не како досега само север и југ – на којшто само неколку фирми држеа монопол на транспорт.

Од кружен тек на Балканот, со изградбата на коридорите 8 и 10-д, Северна Македонија конечно станува вистинска крстосница на Балканот, можност да бидеме на сообраќајната и економската важна делница на картата на Европа.

Тоа што беше многугодишна стратешка определба на многу влади, оваа Влада денес го започна со реализација. Овие инфраструктурни инвестиции се траен влог во создавање на наследство за идните генерации“, посочи премиерот Ковачевски.

Изградбата на овој проект, како што објасни премиерот Ковачевски, значи нови 8.000 работни места, нови инвестиции од 1,3 милијарди евра и номинален раст на БДП за 2% годишно во наредните 5 години. „Поврзувањето што го овозможуваат овие два коридори, значи рамномерен регионален развој, подобрување на економското портфолио на државата можности за подобра бизнис клима и можности за подобар економски регионален развој“.

„Ако го погледнеме регионот, најсиромашни се североисточниот и југозападниот регион на државата, бидејќи немаат квалитетна патна инфраструктура во последните 100 години.

Трасите коишто се градат, делниците, отвораат дополнителна можност за изградба на други објекти коишто ќе бидат од областа на услугите, туризмот и од областа на голем број други дејности, кои инвеститорите ќе ги прават и се разбира можност за привлекување на нови странски инвестиции, бидејќи странски инвеститор таму каде што нема патна инфраструктура, не отвора голем стратешки инвестициски производствен објект“, додаде премиерот Ковачевски.

Модерните автопати, како што рече премиерот, ја зголемуваат и безбедноста на сообраќајот, што значи сигурност за граѓаните кои патуваат по нив.

„Во последните 32 години, во државата се изградени и пуштени 186 километри автопати или по 5,8 км годишно. Со овој договор за коридорите 8 и 10-д се предвидува да се изградат околу 110 километри нови модерни автопатишта во следните 5 години или по 20 километри годишно. Затоа што, тоа е начин на којшто се градат автопатишта и може да се види и во Србија, Косово, Црна Гора и во Албанија“, посочи премиерот.

Во делот на транспарентноста, премиерот Ковачевски нагласи дека нема ништо тајно во Договорот, дека овој процес трае 2 години, дека е донесени закон што е поддржан преку управувачкиот комитет, дека сите клучни точки и суштината беа пред очите на јавноста, дека досега се одржани неколку брифинзи и сите функционери кои се вклучени во процесот се секогаш на располагање на новинарите да одговорат на сите прашања и додека трае целиот процес, сите институции ќе се на располагање.

Начинот на реализација на Договорот, како ќе се трошат парите на граѓаните, сето тоа секогаш било јавно и достапно како информација и е достапно и за сите институции, вклучувајќи го и Парламентот, рече премиерот, посочувајќи дека „пратениците со соодветен сертификат ќе можат да се уверат во сите детали дека соодветствуваат со специјалниот закон којшто тие го имаат донесено“.

„Државата има опција автопатите да се градат во временски рок што го зададе Владата, во рок од 4 години и 7 месеци, или да прифатиме да се градат по постојната регулатива, којашто ќе значи подолго време на градење кое досега го гледавме на автопатиштата низ државата“, додаде премиерот Ковачевски, потсетувајќи на автопатот Кичево-Охрид, за којшто досега се потрошени 600 милиони евра, а не е пуштен заради лошото проектирање на трасата.

„Во однос на експропријацијата – предложените измени, коишто се во собраниска процедура важат и во моментов ги има во сегашното решение. И сега градбата на делницата продолжува без второстепена постапка. Со измените на Законот за градење има нова постапка и систем за градење, со којашто прво се одобрува урбанистичкиот проект којшто ќе ја утврди трасата по којшто ќе започне постапката за експропријација на земјиштето“, соопшти премиерот Ковачевски.

Првата исплата на овој договор, како што е соопштено, е за авансот за почеток на градежните работи.

„Секој исплатен денар што ќе биде од државата кон Јавното претпријатие за државни патишта и потоа кон фирмата ќе биде објавен на Отворени финансии и граѓаните ќе знаат точно за што се исплаќаат финансии“, порача во Парламентот, премиерот Димитар  Ковачевски.