Ковачевски – Столтенберг: Северна Македонија е дел од силното НАТО единство кое е гарант за европската безбедност
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски ја започна дводневната работна посета на Брисел со средба со Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
На средбата во седиштето на НАТО во Брисел, на која присуствуваа и министерот за надворешни работи Бујар Османи и министерката за одбрана Славјанка Петровска, премиерот Ковачевски истакна дека со исполнувањето на својата стратешка цел да стане членка на НАТО, Република Северна Македонија во рекордно време ја оствари воената интеграција во алијансата и продолжува со процесот на модернизација на нашата армија.
Република Северна Македонија, нагласи на средбата со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг премиерот Ковачевски, е на добар пат да го оствари буџетот за модернизација на Армијата и за одбраната до крајот на оваа година и дека земјата останува посветена на учеството во операциите и мисиите на НАТО.
На средбата беше потенцирано дека членството во НАТО на Северна Македонија придонесе за регионалната стабилност на Западен Балкан и дека е постигнат огромен напредок во соработката со нашите соседи и особено со сојузниците во Алијансата. Нашата држава има директна придобивка од соработката со сојузниците, во смисла на подобрена безбедност на воздушниот простор, зајакнување на капацитетите на Армијата и интероперабилност преку заедничките воени вежби и други активности.
Премиерот Ковачевски на средбата со генералниот секретар Столтенберг го потврди единството со сојузниците во НАТО во однос на прашањата поврзани со Украина, и додаде дека е неопходна деескалација на тензиите и решавање на прашањата со Русија по пат на дипломатија.
Како земја-членка на НАТО, рече Ковачевски, го сметаме за суштински апелот на НАТО Русија да го обнови дијалогот во рамки на Советот НАТО-Русија, и додаде дека Северна Македонија е подготвена за конструктивен ангажман во рамките на тој процес.
Генералниот секретар на НАТО Столтенберг изрази задоволство од подготвеноста на Северна Македонија активно да учествува во заедничкиот одговор на прашањата од интерес на Алијансата.
Обраќање на премиерот Димитар Ковачевски на заедничката прес-конференција со Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг
Благодарам почитуван генерален секретар, драг Јенс,
Задоволство е што имам прилика при мојата прва посета во Брисел да дојдам во НАТО и да се сретнеме. Членството во НАТО е исполнување на нашата стратешка цел и навистина ми е чест што сум овде во седиштето на НАТО. Да се биде дел од НАТО значи безбедност, сигурност и просперитет за мојата земја и за македонскиот народ.
Политиката на отворени врати и овозможи на Северна Македонија да ја постигне својата огромна цел безбедносен успех, за нас и за НАТО, станувајќи 30-та членка на НАТО. Ова достигнување е доказ на нашиот слободен и суверен избор како и гаранција за нашата национална и регионална стабилност и безбедност на Западен Балкан.
Денеска, сме горди што сме меѓу најбрзите сојузници кои ја завршија воената интеграција во НАТО, особено што остануваме посветени на учеството на операциите и мисиите на НАТО.
Со генералниот секретар Столтенберг разговаравме за ситуацијата во и околу Украина, што претставува закана за европската и меѓународната безбедност. Како сојузник на НАТО, ние се придружуваме на повиците до Русија за деескалација и продолжување на дипломатскиот дијалог.
Го поддржуваме предлогот на НАТО за тематски состаноци со Русија за состојбата на односите, европската безбедност со фокус на Украина и транспарентност, намалување на ризикот и контрола на оружјето. Целосно го поддржуваме суверенитетот на Украина и нејзиниот територијален интегритет во меѓународно признатите граници.
НАТО е колективна одбранбена алијанса, која ги зближува Европа и Северна Америка во оваа криза. Како сојузници, ние сме силни, одлучни и обединети во нашата реакција. Северна Македонија останува цврсто посветена на основачкиот Вашингтонски договор на НАТО и на фундаменталните вредности и принципи на Алијансата.
Почитуван Генерален секретар Столтенберг,
Уште еднаш Ви благодарам за вашата гостопримливост и се надевам дека наскоро ќе имаме прилика и јас да ви бидам домаќин во Скопје, Северна Македонија.