Кривична пријава против десет вработени во АД ,,Пошта на Северна Македонија,, за проневера во службата и фалсификување службена исправа
Единицата за економски и компјутерски криминал при Секторот за внатрешни работи Скопје до ОЈО Скопје ќе поднесе кривична пријава против десет лица, З.Х. (29), Р.И. (34), И.Е.М. (32), С.П. (53), А.Ќ. (45), Ф.Љ. (35), Л.И. (26), М.Т. (62), Н.К. (55) и Х.Х. (42), сите од Скопје, вработени во АД “Пошта на Северна Македонија”, подружница Чаир, заради постоење основано сомнение дека ги сториле кривичните дела – “проневера во службата“, и “фалсификување службена исправа“. Имено пријавените, деветмина шалтерски работници во посочената подружница, заедно со нивниот претпоставен десетопријавениот Х.Х. во вкупно 26 наврати во временскиот период од февруари до ноември 2019 година со фалсификување на 26 налози за исплата-Образец ПП40, од лични трансакциски сметки сопственост на 26 физички лица, депоненти во банка од Скопје, неовластено присвоиле туѓи парични средства кои им биле доверени во вршењето на службата и прибавиле противправна имотна корист за сметка на десетопријавениот Х.Х. во вкупен износ од 1.570.822 денари. Инаку, од страна на АД “Пошта на Северна Македонија” Подружница ЦРПС-Скопје на 24.01.2020 година до Единица за економски и компјутерски криминал при Секторот за внатрешни работи Скопје беше доставена писмена пријава за сторените кривични дела.