Лажна кампања на платформи за тргување со крипто валути, граѓаните да не отвараат сомнителни линкови
Секторот за Компјутерски криминал алармира за зачестена појава каде што непознати лица преку социјалните мрежи или преку нивните приватни е-маил адреси таргетираат македонски корисници и испраќаат линкови до веб страни и сервиси преку која се ветува лесна заработка со тргување на лажни берзи за криптовалути.
Кампањата започнува со објави на Фејсбук и Инстаграм кои се прикажани како информации од познати македонски портали .
Во објавите се наведува дека се „избришани интервјуа затоа што централната банка не сака да ја знаете оваа тајна“ и спомнуваат познати личности од нашата држава, дури и објавуваат фотографии од истите со цел поголема легитимност на објавата, каде што е наведено дека може да се стекнете со значителни парични средства со тргување на крипто валути, а сè што треба да направите е да се посети дадениот УРЛ линк.
УРЛ линкот односно врската води до веб-локација која претставува платформа за тргување со крипто валути, но нема официјални детали за регистрација на компанија, нема информации за јурисдикцијата или нешто што покажува како да се поврзете со правното лице на кое ќе му ги доверите парите.
Регистрацијата е тривијална, не е потребна лозинка. Влегувате веднаш и од вас се бара да префрлите пари односно да купите криптовалути. Тие се законски покриени бидејќи на нивната страница имаат оградување дека го прифаќате ризикот од губење средства при тргување.
Не постои начин да се знае дали ова е вистинска платформа за тргување, но сите показатели укажуваат на многу сомнителна операција.
Моментално оваа кампања е доста распространета на социјалните мрежи Facebook и Instagram ширум Европа и се прилагодува по земја, односно се користат имиња на познати личности за поголема легитимност на истата.
Постојат стотици лажни сајтови, лажни објави кои тврдат дека се платформи за тргување со крипто валути.
Почетната објава има форма на имитирање на порталот Кајгана (официјален сајт https://kajgana.com/ ), на линк кој води до страница на страницата minishouts.com .
Објавата тврди дека е „избришано“ интервју во кое се тврди дека ја знае тајната за заработка со крипто тргување. Страницата има еден куп наводни сведоштва, односно коментари на објавите од ботови кои објавуваат дека заработиле многу пари користејќи ја платофмата, и има дури и слика од банка што покажува дека сето ова е точно и сите заработуваат многу пари, но сликата на изводот од банката е лоша изработка и го носи логото на Централна банка ( Централната банка не издава изводи од банка на физички лица ).
Оваа страница има еден куп фотографии од познати личности во Република Северна Македонија, кои наводно заработуваат многу пари од тргување. Исто така, ве поканува да се регистрирате.
Страницата овозможува регистрација со случајни податоци, нема никаква верификација ниту лозинка додека легитимните платформи за тргување сè уште се бара да извршат процес „Запознајте го вашиот клиент“ (KYC) – што е наложено од финансиските системи за да идентификуваат потенцијално перење пари.
Секторот за компјутерски криминал апелира граѓаните и правните субјекти да не отвараат сомнителни линкови и прикачени документи во прилог на пораки што не доаѓаат од верификувани и за нив познати испраќачи, да не наседнуваат на измами од ваков тип и правните субјекти да превземат соодветни мерки за заштита на нивните компјутерски системи од потенцијален малициозен софтвер согласно нивните интерни процедури за сајбер безбедност.