23/11/2024
Македонија

Лидерите на Западен Балкан го посетија Драч за поддршка на семејствата што ги обновуваат своите домови од последиците од земјотресот

Како израз на солидарноста со граѓаните на Албанија, и во знак на поддршка и духовна поткрепа на жителите на градовите и другите населени места што настрадаа од земјотресот на 26 ноември, Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев заедно со премиерот на Албанија, Еди Рама и претседателите на Србија и Црна Гора, Александар Вучиќ и Мило Ѓукановиќ, утринава го посетија Драч.

Лидерите на Западен  Балкан, кои во Тирана пристигнаа на третата сесија од иницијативата за продлабочување на соработката во регионот, се сретнаа со дел од семејствата што сега ги обновуваат своите домови од трагичната катастрофа, и ја потврдија својата подготвеност да ја продолжат натамошната поддршка и помош во периодот на закрепнување од последиците од земјотресот.

Оваа посета на Драч воедно е и најава на заедничката соработка во справувањето со природни катастрофи и вонредни состојби која ќе биде вклучена како уште една област за непосредна и блиска соработка меѓу земјите од Западен Балкан во документот за поинтензивна интеграција на регионот што ќе биде усвоен денеска во Тирана.

Северна Македонија беше една од земјите што веднаш упати стручни екипи за прва помош и спасување кои, со специјализирана техничка опрема и кучиња трагачи,  спроведоа акции за извлекување на настраданите граѓани во Драч, како и во санирање на штетите од катастрофалниот земјотрес.

Владата на Република Северна Македонија издвои 6 милиони денари како првична финансиска поддршка за санирање на последиците од земјотресот.