22/11/2024
Македонија

Македонија за првпат го слави Европскиот ден на граѓанска правда со започнат скрининг процес и подготовки за преговори за членство во ЕУ

Во 2003 година, Советот на Европа донесе одлука 25 октомври да се одбележува како Европски ден за граѓанска правда. Целта за неговото одбележување е доближување на правдата до граѓаните и запознавање на граѓаните со нејзиното спроведување.

За таа цел, овој ден посебно се одбележува со организирање на отворени денови во судовите, а граѓаните имаат можност да остварат средби со судии, извршители, нотари, адвокати и медијатори, да присуствуваат на симулација на судења и да добијат совети и бесплатна правна помош. 

По повод одбележувањето на Европскиот ден на граѓанска правда, Министерството за правда денеска беше домаќин на група студенти од Правниот факултет „Јустинијан Први” во Скопје на државниот универзитет „Св. Кирил и Методиј“.

Пред идните правници се обрати министерката за правда проф. д-р Рената Дескоска која истакна дека нашата држава и оваа година се приклучува кон одбележувањето на овој ден, но дека Министерството за правда за првпат го организира одбележувањето на Европскиот ден на граѓанска правда со започнат скрининг процес и почеток на подготовки за преговори за членство во Европската Унија за Република Македонија. 

Министерката Дескоска истакна дека исполнувањето на реформската агенда на Министерството за правда за реформи во правосудството значи заокружување на процесот на усогласување на домашното законодавство со европското, и напомена дека неодамна Венецијанската комисија излезе со позитивен извештај за измените и дополнувањата на Законот за судовите и Законот за судски совет.

– Веќе се пуштени во Собраниска процедура Законот за извршување и Законот за нотаријат, а до крајот на годината ќе бидат и Законот за судови и Законот за Судски совет – истакна министерката Дескоска.

– Министерството за правда ќе ги вложи сите напори да ги инкорпорира европските стандарди во домашниот правен систем, додаде министерката.

Студентите имаа можност и да се запознаат со работата и одговорноста на различните сектори во Министерството за правда, како Секторот за бесплатна правна помош и политички систем, Секторот за меѓународна правна помош и Секторот за правосудството.

Државните советници ја презентираа реформската агенда на Министерството за правда и потребата од различните законски измени кои се случуваат во областа на правосудството, борбата против корупцијата, кои се во насока на обезбедување на повисоко ниво на правна сигурност за граѓаните, и во линија на евроатлантската интеграција на државата. 

Намерата на одбележувањето на Европскиот ден на граѓанска правда е на граѓаните на Европа да им овозможи одблизу да бидат запознаени со нивните основни права во повеќе области, како и можност да се запознаат со функционирањето на системот на правосудството.