Маричиќ: ЕУ мора да остане фокусирана на Западен Балкан и покрај кризата во Украина
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ на меѓународниот настан „Стратешки економски Разговори”, во организација на Здружението за развој на деловната мрежа на Југоисточна Европа (SEEBDN), рече дека Европската унија не смее да го заборави Западен Балкан поради кризата во Украина, напротив мора да остане фокусирана на регионот.
-Северна Македонија, како и Албанија, треба да започне преговори за членство во Унијата, но исто така важно е и Украина, Грузија и Молдавија да имаат европска перспектива, додавајќи дека Европската Унија е проект на слободна трговија, слободно движење на луѓе, економски напредок, Унијата и 80 години подоцна е најдобриот повоен одговор, и затоа треба и сакаме да станеме членка на ЕУ.
Вицепремиерот Маричиќ, заедно со поранешниот хрватски претседател Иво Јосиповиќ, поранешниот известувач на ЕУ за Косово и Метохија и високиот претставник на меѓународната заедница во БиХ Волфганг Петрич и Мартин Енгелберг, австрискиот пратеник од редовите на владејачката Народна партија, учествуваше на панелот „Процесот за пристапување во ЕУ и интеграција на Западен Балкан во време на значајни промени во Европа“, на кој побара земјите од ЕУ да посветат поголемо внимание на Западен Балкан, кое со конкретни чекори би дало позитивни резултати, во спротивност се доведува во прашање кредибилноста на ЕУ во земјите од регионот и довербата на граѓаните во Унијата.
-Во регионот е намалена популарноста на „брендот“ наречен Европската унија, затоа во овој момент најпотребно е да се демонстрира лидерство за да се заштити нејзиниот имиџ, бидејќи оние кои се против се обидуваат да ја прикажат Унијата како неуспешна, рече Маричиќ.
На панелот вицепремиерот се осврна и на иницијативата „Отворен Балкан“, посочувајќи дека таа е комплементарна на процесот на пристапување во ЕУ и како и Берлинскиот процес не е замена за влез во Унијатa, дополнувајќи дека не треба да губиме време додека сме во чекалната на ЕУ, туку треба да направиме промени на ниво на Западен Балкан, да му дадеме нов лик на регионот, кој секогаш се поврзувал со конфликти и криминал и да покажеме дека можеме да соработуваме на сите полиња.