МЗ: Досега вакцинирани 4,345 деца со МРП вакцина, родителите да ги почитуваат препораките на Министерството за здравство
Во текот на вчерашниот ден на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби примени се вкупно 6 нови заболени од морбили, а уште тројца амбулантски се прегледани, со јасна клиничка слика на морбили (мали сипаници). Од Клиниката информираат дека ова е бран на ново заболени, по што очекуваат бројката да се зголемува. Епидемијата од морбили се шири во некои од градовите во внатрешноста на земјава. Најчести компликации од морбилите се белодробните воспаленија, можат да бидат толку сериозни што некои од пациентите може ќе треба да имаат потреба од апарати за дишење. Здравствената состојба на детето со церебрална парализа кое беше во потешка состојба, значитело е подобрена. Исто така, подобрена е и постабилна состојбата и на 8 годишното девојче кое има астма и се заразило со морбили и варичела. Во моментов, на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби има вкупно 24 пациенти со морбили (мали сипаници).
Министерството за здравство информира дека денеска (27 јануари 2019 година) до 13:00 часот вакцинирани се вкупно 4.345 деца со МРП вакцини.
За да се спречи ширењето на епидемијата на морбили во Скопје, во сите Универзитетски Клиники донесена е одлука за ограничување на посета на пациентите, односно да се забрани посета на пациенти кои лежат на клиниките се до крајот на траењето на епидемијата.
Апелираме до родителите да ги почитуваат препораките на Министерството за здравство. На трите пунктови во поликлиниките „Јане Сандански“, „Бит-пазар“ и „Ѓорче Петров“ има дежурни лекари секој работен ден од 19:30 часот до 7:30 наутро, а за викендите се на располагање 24 часа во текот на денот. Во работните денови, родителите треба децата прво да ги однесат на матичен лекар. На овие три места ќе се вршат комплетни прегледи со лабораторија на децата чии родители ќе се посомневаат дека можеби се заболени од морбили (мали сипаници). Доколку лекарите утврдат дека е потребно, пациентите ќе ги упатуваат на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби. Апелираме до сите родители, кои ќе забележат или ќе се посомневаат на првите знаци на болеста, висока температура, децата прво да ги однесат на овие три пунктови.
Министерството за здравство ја потсетува јавноста дека сѐ уште е на сила наредбата дека децата, кои се невакцинирани нема да бидат примени во детските градинки, со цел да се спречи ширењето на епидемијата прогласена во Скопје. Децата од училишна возраст задолжително да се вакцинираат ако не се вакцинирани или примиле само една доза од вакцината МРП. Сите здравствени работници што од кои било причини не се вакцинирани или не се сигурни во својот вакцинален статус, да го направат тоа во најбрз можен рок. Напоменуваме сите превентивни мерки и препораки против ширењето на болеста да се сфатат сериозно и без отстапки.
Апелираме до сите родители да ги вакцинираат своите деца со МРП вакцина, која е висококвалитетна и ефективна, а производител е GlaxoSmithKline од Белгија.
Вакцините кои се аплицираат во сите здравствени домови се со проверен квалитет, од европски производител и имаат добар рок на траење.