Министерката Шекеринска и министерот Димитров во Брисел на средби со Могерини и Хан
Денеска, на вториот ден од работната посета на Брисел заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска заедно со министерот за надворешни работи Никола Димитров, имаа средби со високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини и со комесарот за добрососедска политика и проширување, Јоханес Хан. На средбите стана збор за актуелните случувања во Македонија и во регионот.
Министрите ја информираа европската двојка за успешното одвивање на собранискиот процес за уставните измени, како и за фазите кои се во тек и за фазите кои претстојат до исполнувањето на преостанатите критериуми за полноправно членство на Македонија во НАТО, и почеток на преговори со ЕУ. Притоа заеднички беше заклучено дека Македонија се движи во позитивен правец, ги исполнува зададените критериуми, и дека ЕУ и НАТО треба да ги признаат напорите и постигнатите резултати и да и овозможат на земјата да премине на следните чекори во евроатлантските интеграции.
Шекеринска притоа и предаде писмо на високата претставничка Могерини за соработка на Министерството за одбрана и ЕУ во справувањето со хибридните закани. Во писмото се истакнува дека нашата земја веќе има покренато национални анализи за откривањето на изворите на ризици и потенцијалната изложеност на такви закани и дека ги поддржува сите координирани активности на ЕУ на тој план.
Претходно заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска учествуваше на 11-тата годишна конференција организирана од германската Фондација за наука и политика на која беше даден осврт на надворешната и безбедносната политика на ЕУ во изминатата година и интегрирањето на земјите од регионов. На конференцијата Шекеринска ги пренесе очекувањата на Македонија во поглед на проширувањето на ЕУ.