Министерот Николовски додели 32 договори за концесии за користење на дивечот во ловиштата
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, денеска во државното ловиште „Фазанерија“ свечено ги додели договорите за концесии за користење на дивечот во ловиштата.
Минатата година беше објавен јавен повик за доделување концесија за користење на дивечот и ловиштата во 9 ловни реони во државава во кои има 43 ловишта. По завршување на постапката, склучени се 32 договори за концесии за 32 ловишта од целата територија на државава. Денеска беа доделени договорите за ловиштата во ловните реони Скопје, Свети Николе, Кавадарци, Валандово, Гевгелија, Кочани, Виница, Делчево, Гостивар, Демир Хисар, Битола, Охрид, Ресен и Кичево.
„Со ова ние ја исполнуваме нашата законска обврска согласно Законот за ловството. Сега следува вие да ги исполните вашите обврски, со фокус на формирање и трајно одржување стабилни популации дивеч, со оптимална полова и возрасна структура за континуирана репродукција на здрави и квалитетни единки, со високи трофејни вредности. Вашата улога е огромна во зачувувањето и грижата за дивечот, преку редовни активности и почитување на обврските кои произлегуваат од договорот“ изјави министерот Николовски.
Ловството е значајна стопанска дејност на која и даваме големо значење, со посебен акцент на улогата на ловците за благосостојбата на дивечот во ловиштата и за заштитата на природата. Со доделувањето на концесиите, започнува процесот на континуирана грижа за состојбите во ловиштата.
Министерот Николовски најави дека Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе организира советување со сите концесионери за состојбата во ловиштата од досегашното стопанисување, со цел унапредување на соработката и подобрување на состојбите во секторот.