23/11/2024
Македонија

Министерот Поповски го промовираше Кодексот за етичко однесување за членовите на Владата и носителите на јавните функции

Министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, денеска на редовната прес-конференција на која портпаролот Муамет Хоџа информираше за одлуките донесени на 150-тата седница на Владата, го промовираше Етичкиот кодекс за обезбедување на законито, чесно, транспарентно и одговорно работење на членовите на Владата на Република Северна Македонија, замениците на министрите и носителите на јавни функции именувани од страна на Владата. 

Кодексот, како што информираше министерот Поповски произлегува од насоките за добро управување кои биле подготвени во сеопфатна консултација со граѓанскиот сектор, академската заедница, стручната јавност и јавната администрација. Тој додаде дека Кодексот значи и реализација на препораките од петтиот круг на евалуација на ГРЕКО, којшто се однесуваат на спречување на корупцијата и криминалот, како и промовирање на интегритет кај централната власт, кај највисоките извршни функции и органите за спроведување на законот.

Истакнувајќи дека актуелната Влада е трајно посветена и не отстапува од принципите на законито, чесно, транспарентно и одговорно работење како сервис и во интерес на потребите на граѓаните и јавноста, министерот Поповски подвлече дека како потврда за тоа на вчерашната седница е усвоен Кодексот за етичко однесување за членовите на владата и носителите на јавни функции именувани од страна на владата.

„Прифаќањето на Кодексот всушност значи преземање обврска на носителите на јавни функции постојано да се придржуваат на принципите на добро и одговорно управување на највисоко политичко ниво. Република Северна Македонија е на вистинскиот пат за воспоставување на општество во кое владеат највисоки морални вредности. Затоа отпорот е толку голем и паничен и доаѓа од различни центри“, рече министерот Поповски истакнувајќи дека однесувањето на избраните и именувани лица согласно постулатите на правната држава и највисоките морални вредности и принципи е нивен долг и обврска кон граѓаните.

Министерот Поповски оцени дека за успешна реализација на одредбите од Кодексот, од суштинско значење е активниот придонес и вклучување на сите граѓани за алармирање за појави и однесувања на носителите на јавни функции, кои се спротивни на законските и морални принципи на однесување.

Министерот Поповски посочи дека Кодексот за етичко однесување за членовите на Владата и носителите на јавни функции именувани од страна на Владата ќе биде објавен на Интернет страницата на Владата на Северна Македонија.


Министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, денеска на редовната прес-конференција на која портпаролот Муамет Хоџа информираше за одлуките донесени на 150-тата седница на Владата, го промовираше Етичкиот кодекс за обезбедување на законито, чесно, транспарентно и одговорно работење на членовите на Владата на Република Северна Македонија, замениците на министрите и носителите на јавни функции именувани од страна на Владата. 

Во продолжение, Ви пренесуваме интегрален текст на обраќањето на министерот задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски:

„Почитувани претставници на медиумите, 
Почитувани граѓани,

Владата на Република Северна Македонија е трајно посветена на  принципите на законито, чесно, транспарентно и одговорно работење како сервис и во интерес на потребите на  граѓаните и на јавноста.

Од овие принципи нема отстапки.

Како потврда на доследноста во  создавање општество на  трајни европски вредности, Владата на својата вчерашна седница го усвои „Кодексот за етичко однесување за членовите на Владата и носителите на јавни функции именувани од страна на Владата“.

Овој Кодекс произлегува од Насоките за добро управување кои беа подготвени во сеопфатна консултација со граѓанскиот сектор, академската заедница, стручната јавност и јавната администрација.

Кодексот значи и реализација на препораките од петтиот круг на евалуација на ГРЕКО, којшто се однесуваат на спречување на корупција и криминал, како и промовирање на интегритет кај централната власт, кај највисоките извршни функции и органите за спроведување на законот.

 За практично спроведување  и реализација на одредбите од Кодексот од голема полза ќе бидат механизмите мерките за санкции, како  и  системско подигање на свеста за добро управување на лицата кои вршат највисоки извршни функции.

Како министер задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, мене ми припадна честа, која ја прифатив со огромно задоволство, да бидам одговорен за промоција, спроведување и за следење на придржувањето кон Кодексот за етичко однесување за членовите на владата и носителите на јавни функции именувани од страна на владата.

Прифаќањето на Кодексот всушност значи преземање обврска на носителите на јавни функции постојано да се придржуваат на принципите на добро и одговорно управување на највисоко политичко ниво.

Република Северна Македонија е на вистинскиот пат за воспоставување на општество во кое владеат највисоки морални вредности. Затоа отпорот е толку голем и паничен и доаѓа од различни центри.

Однесувањето на избраните и именувани лица согласно постулатите на правната држава и највисоките морални вредности и принципи е нашиот долг и обврска кон граѓаните.

Само така можеме да очекуваме зголемување  на довербата во политичките претставници и институциите на системот.

Почитувани граѓани,

За успешна реализација на одредбите од овој Кодекс, од суштинско значење е вашиот активен придонес и алармирање за појави и однесување на носителите на јавни функции, спротивни на законските и морални принципи на однесување.
 
Гласните, храбри и одговорни граѓани се нашиот најголем сојузник. 

Практичната примена на овој Кодекс за етичко однесување за членовите на владата и носителите на јавни функции именувани од страна на владата ќе биде потсетник дека довербата од граѓаните не е дадена еднаш засекогаш. 

Довербата на граѓаните останува наш врвен приоритет и овој Кодекс е нашата алатка со која ќе можеме да преземеме брзи и ефикасни  чекори за да ги  промениме институциите и начинот на однесување на носителите на јавни функции во интерес и во полза на граѓаните“.


Преземи го Етичкиот кодекс