25/11/2024
Македонија

Министерот Спасовски ги посети кандидатите за припадници на Единицата за специјални задачи

Министерот Оливер Спасовски и дел од  раководството на МВР денеска го посетија ЗРЦ „Пониква“- Кочани,  каде што полициските службеници  што беа селектирани и во моментов ја реализираат селективната обука за прием во  Единицата за специјални задачи ги презентираа стекнатите професионални знаења.

„Ми претставува особено задоволство што денеска со дел од моите соработници сме меѓу вас, да ви честитам за успешното  спроведување на селективната  обука и да ви посакам многу успех во новите предизвици што професионално се поставуваат пред вас како припадници на оваа наша респектабилна полициска единица – Единицата за специјални задачи. Да се биде припадник на ваква елитна единица не е едноставна работа, овие луѓе се најдобри меѓу најдобрите. Зад нив стојат поминати месеци и години напорен тренинг, исклучителна ментална и физичка подготовка и искуство од многубројни извршени сложени безбедносни задачи“, рече министерот Спасовски во своето обраќање.

Во секој момент припадниците на ЕСЗ, потенцира министерот Спасовски,  стојат подготвени за најтешките и најопасни полициски задачи.

„Тимската работа и професионалноста се главни одлики на Специјалната единица, затоа со право може да се гордееме со припадниците на оваа елитна единица на Министерството за внатрешни работи. Јас и моите соработници, свесни за важноста и улогата на припадниците на оваа единица , правиме се во рамки на законските и финансиски можности да ви овозможиме што е можно поквалитетни услови за работа. На вас, останува – своето знаење, вештини, професионална етичност и интегритет да ги вложите во името на законите – со цел заедно да изградиме полиција со која што ќе се гордеат граѓаните. Уште еднаш ви честитам и ви посакувам успех“, рече Спасовски.