Министерот Спасовски на Регионалниот семинар – Обука на обучувачи на тема „Превенција/борба против насилен екстремизам“ во Скопје
Размената на искуства, тесната и отворена комуникација и континуираната обука и едукација се фундаментални фактори доколку се тежнее кон поголема ефикасност и функционалност на која било институција, нејзина подготвеност да се фати во костец со секакви видови на предизвици. А особено тоа е суштински важно кога тема ни е сферата на безбедноста која што, пак, денес веќе е наметната како прашање пар екселанс како за националната, така и за регионалната, односно колективната сигурност, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во своето обраќање на Регионалниот семинар – Обука на обучувачи на тема „Превенција/борба против насилен екстремизам“ кој денеска во Скопје се одржува во организација на Регионалниот совет за соработка и Националниот комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризмот.
-Овој семинар посветен на практичните аспекти на институционалната обука, или поконкретно – на натамошната едукација на кадри што потоа ќе треба стекнатите знаења и искуства да ги аплицираат во професионалното дејствување, низ призмата на проблематиката на насилниот радикализам и екстремизам, како дел од корпусот на безбедносни предизвици, претставува исклучителна можност да се слушнат стручни, издржани и нови експертски сознанија и видувања за успешно спротивставување со таквите закани. Дотолку повеќе што насилниот радикализам и екстремизам и тоа како се тесно испреплетени или знаат да бидат во основата и на терористичкото делување. Она што дополнително импонира е фактот што организаторите на овој семинар, Регионалниот совет за соработка и Националниот комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризмот, нудат опсервација на подрачјето на рана детекција и превенција на радикализмот и екстремизмот, во фази кога институциите задолжени за спроведување на законите, можат да најдат соодветни механизми за благовремено дејствување и спречување на така да ги наречам малигните форми на тие појави- рече Спасовски.
Како и за секое друго општество, така и за нашето, примарен приоритет претставува заштитата на граѓаните од влијанието на екстремистичките и радикалистички идеологии, независно врз која основа се засновани.
-Спречувањето на екстремизмот и генерално борбата против тероризмот подразбираат идентификација и откривање на факторите кои придонесуваат за радикализам, екстремизам и насилни активности во форма на тероризам и терористички активности. Превентивното делување нужно наметнува потреба од широка вклученост на различните општествени чинители, вклучително дури и на локалните средини или заедници. Притоа напоредно градејќи стручно и професионално валидни и кредибилни стандарди на работење. Во овој контекст дозволете ми да нотирам дека во градењето на инклузивна заедница отпорна кон разните радикални и екстремистички уверувања или идеологии, Министерството за внатрешни работи на Република Македонија активно партиципира преку рана детекција на сите облици на екстремно делување во заедницата и превентивно делување, дополнително развивајќи го концептот на „партнерство“ со заедницата. Се разбира, свесни дека, меѓу другото, активната вклученост на граѓаните од превентивен аспект, преку навремена размена на информации за потенцијалните процеси на радикализација и екстремно делување имаат есенцијално значење“, рече Спасовски.