Министерот Спасовски на Mинистерска конференција за превенција и истрага на сексуална злоупотреба на деца
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска учествуваше и се обрати преку видео – конференциска врска на онлајн Министерската конференција на тема „Превенција и истрага на сексуална злоупотреба на деца“ заедно со министрите за внатрешни работи на земјите членки на ЕУ, земјите од Шенген зоната, партнерите земји од Западен Балкан, претставници на институциите и агенциите на ЕУ и САД, на покана на министерот за внатрешни работи на Република Словенија,Алеш Хојс под покровителство на Словенечкото претседателство.
Сексуалната злоупотреба на деца и онлајн и офлајн е една од најсериозните злосторства, што има широки и сериозни доживотни последици за жртвите и може да предизвика значителна и долгорочна социјална штета на децата.
Министерот Спасовски во своето обраќање потенцираше дека сме сведоци на широката распространетост и лесниот пристап до интернет, како и масовното користење на социјалните медиуми, платформи и апликации за онлајн комуникација од страна на младата популација што од рана возраст, енормно го зголемува ризикот од сексуалната злоупотреба на децата и ширењето на пазарот со детска порнографија.
„Во тој контекст, основата на сите наши политики за справување со овој вид на криминал е подигнување на свеста за ризиците од сексуална злоупотреба на деца, за потенцијалните стапици на новите технологии, интернетот и социјалните медиуми што ги користат сторителите, како и континуираната едукација на децата како да ги заштитат своите податоци. Во нашата држава, на национално ниво, превентивните активности се синхронизирани и се дел од Националната стратегија за превенција и заштита на децата од насилство, но и од Националната стратегија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција, во чии рамки е изготвен и посебен акциски план посветен на заштита на децата. Во рамки на овие стратешки документи предвидовме обуки на учениците од основно и средно образование за трговијата со деца и нејзините појавни облици, со посебен акцент на ризикот од злоупоребата на Интернетот за цели на трговија со луѓе и различни видови на експлоатација: трудова, сексуална, детска порнографија.“, рече министерот Спасовски.
Спасовски истакна дека и покрај низата превентивни активности кои се преземаат на национално ниво, сепак, со оглед на меѓународната димензија на ова кривично дело, неопходно е и развивање на заеднички пристапи кои можат да се остварат преку засилена меѓународна соработка, како и размена на искуства и добри практики меѓу експертите.
Во заедничката изјава на учесниците на конференцијата, министрите ја нагласија важноста на меѓународната соработка за да се осигура дека криминалците не можат да ги злоупотребуваат разликите во законите и политиките меѓу јурисдикциите, како и да се избегне создавање не само на јурисдикциски јаз, туку и на директна дупка во правдата.