Министерот Филипче: Оваа година, Програмата за организирање и унапредување на крводарителството е зголемена за плус 10 милиони денари
Министерот за здравство, Венко Филипче, присуствуваше и се обрати на одбележувањето на 17-ти Март, Ден на формирањето на Црвениот крст и Ден на крводарителството во Република Северна Македонија, во Народниот Театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ во Велес.
„Драго ми е што денеска сум меѓу хумани луѓе, крводарителите чија драгоцена крв спасува животи и го подобрува здравјето на оние граѓани кои имаат потреба од крв“, истакна министерот Филипче.
Министерството за здравство, секоја година изготвува посебна Програма за организирање и унапредување на крводарителството во државата.
„Оваа година, програмата изнесува вкупно 25 милиони денари, и е зголемена за 10 милиони денари во однос на минатата година“, изјави министерот Филипче.
Во рамки на оваа програма, опфатени се активности кои ги реализира Црвениот крст за континуирана здравствено-воспитна и мотивациска работа меѓу населението; непосредна подготовка на крводарителските акции; изготвување информативен материјал; анкетирање и изготвување списоци на потенцијални дарители на крв; учество на волонтери; евиденција на крводарителските акции, како и доделување признанија на крводарителите.
„Со Црвениот крст во континуитет реализираме бројни заеднички активности на полето на заштита на здравјето на населението од високите и ниските температури, со што очекуваме успешна соработка и во иднина“, рече министерот Филипче.
Министерот Филипче додели и признанија на 17 Општински организации на Црвениот Крст, кои во 2018 година го исполнија планот за крводарителство. Оваа организација е значаен партнер на Министерството за здравство во унапредувањето на здравствената заштита за сите граѓани.