Министерството за здравство со препораки за заштита на здравјето на населението од студени бранови и студено време во зимскиот период
Со оглед на студеното време, ниските надворешни температури во тековниот период и снежните наноси на одделни места во Република Македонија, Министерство за здравство ја информира јавноста за мерките од Акцискиот план за превенирање на штетните влијанија и последиците од студеното време и студените бранови врз здравјето на населението во Република Македонија, како и за превентивните мерки и препораки со цел заштита на здравјето на населението.
Препораки за заштита на здравјето на населението од студени бранови и студено време во зимскиот период:
- Вакцинирајте се навремено против сезонски грип (особено важи за лица над 60 години, и хронично болни лица);
- Редовно земајте ја пропишаната терапија и консултирајте го Вашиот матичен лекар;
- Пијте топли напитоци;
- Јадете доволно, бидејќи тоа ја одржува температурата на телото;
- Избегнувајте алкохол бидејќи го зголемува ризикот од хипотермија;
- Во случај на настинка и потешкотии на дишењето, обратете се кај Вашиот матичен лекар;
- Проверете го времето и временската прогноза и одберете соодветна облека.
Во случај на екстремно ниски температури:
- Избегнувајте физичка активност на отворено;
- Користете топла, повеќеслојна облека и соодветни обувки за снег и мраз;
- Внимавајте на лизгави површини;
- Размислете за набавка на основните лекарства и намирници порано, да ви ги достават, или пак да прашате пријател или сосед за помош;
- Избегнувајте да излегувате надвор освен ако не е неопходно;
- Бидете активни и движете се во затворени простории, колку можете повеќе;
- Проверете го греењето во домот. Најмалку една соба треба да ги исполнува препорачаните собни температури (18 – 21°C);
- Доколку сте во можност помогнете на членовите на фамилијата, соседите или пријателите кои спаѓаат во ризичните групи на население (постарите лица или оние со белодробни заболувања);
- Доколку забележите лице од ризик од студено време (бездомник, деца на улица и сл) пријавете на бесплатниот телефон 15505.
Информации за ранливите групи на население:
- Постарите лица имаат потреба од потопла облека бидејќи тие создаваат помалку топлина за своите тела;
- Бебињата се повеќе подложни на ладење, затоа треба да се проверува дали се загреани (дланките и стапалата треба да се топли);
- Доколку имате срцева или белодробна здравствена состојба, избегнувајте тешки вежби на ладни температури, и облекувајте се соодветно (заштитете ги вашите глава, дланки и стапала). Земајте ги вашите лекарства редовно; доколку користите инхалатор, вдишете од истиот пред да излезете на ладно;
- Доколку имате дијабетес, вашите дланки и стапала може полесно да се повредат или, при екстремни услови, да страдаат од смрзнатици, затоа внимавајте да останат загреани;
- Доколку имате артритис, можете да дојдете до заклучок дека ладното ги влошува вашите симптоми. Ќе помогне доколку ги загревате повредените зглобови, и можеби ќе треба да ги приспособите вашите лекарства;
- Обрнете особено внимание на оние кои живеат сами;
Министерството за здравство спроведува и дополнителни активности, односно испратена е информација до сите ЈЗУа кои вршат дејност на итна медицинска помош низ РМ да имаат подготвен план за работа со зголемена приправност. Сите ЈЗУа имаат подготвено план за постапување, број на екипи и протокол за функционирање и постапување во услови на постоење на снежно време и ниски временски температури во РМ.
Дополнително, до Ургентните центри е испратена информација да имаат целосна подготвеност и мобилност со материјал, опрема и кадар во случај на зголемена потреба од давање на здравствени услуги за време на снежно време и ниски температури, односно ЈЗУа-та кои вршат дејност на ИМП и Ургентен центар се подготуваат да имаат доволна соодветна залиха на лекови и медицински материјали во случај на екстремно ниски температури и снежни наноси. Дополнително да имаат залиха на ќебиња, како во установата, така и во возилата на ИМП.
Министерството за здравство изврши и анализа за евентуална потреба од достава на лекови до граѓаните кои имаат потреба од достава на лекови, како и проценка за тоа на кои лица кои примаат хронична терапија ќе им биде потребна достава на лекови, согласно заклучокот од седницата на главниот штаб за управување со кризи за местата кои се најпогодени од снежниот бран кој ја зафати Македонија во изминативе денови.
Министерството за здравство ќе продолжи да ја следи ситуацијата и во наредниот период и ќе известува соодветно.
Повеќе информации граѓаните во однос на постапување за време на екстремно ниски температури и снежни наноси можат да добијат од Акциониот план за превенирање на штетните влијанија и последиците од студеното време и студените бранови врз здравјето на населението во РМ на следниот линк: http://zdravstvo.gov.mk/wp-content/uploads/2012/12/akcionen-plan-studeno…