Министерството за култура ја презема реконструкцијата на Универзална сала; Утврдени се Предлог-измени на Законот за спорт за директна државна помош во спортот
Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата од Министерството за култура за пренесување на правото на реконструкција, доградба и надградба на објектот Универзална сала во Скопје, со што ова право се пренесува од Град Скопје, на Министерството за култура.
Владата го задолжи Министерството за култура, по приемот на целокупната документација од Градот Скопје, да ја согледа проектно – техничката и финансиската документација за реконструкцијата на објектот на ЈУ Универзална Сала и за потребните финансиски средства да обезбеди согласност за преземање на обврски на буџетски корисници за наредни три години (2024, 2025 и 2026 година).
Владата ја задолжи министерката за култура да го склучи доставениот текст на договор за регулирање на меѓусебните права и обврски помеѓу договорните страни во врска со реконструкција на објектот на Универзална сала во Скопје.
Владата го разгледа и утврди текстот на Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за спорт, предложен од Министерството за правда.
Предлог измените на Законот за спортот се однесуваат на обезбедување финансиски поттикнувања по основ на директна државна помош за националните спортски федерации, спортските клубови, активни спортисти од олимписки и неолимписки спортови и други правни субјекти, коишто имаат решение за вршење дејност спорт, подигнување на спортот на повисоко ниво во нашата земја и остварување на подобри резултати, како во домашни рамки така и на меѓународно ниво.
Владата ја разгледа и усвои Стратегијата за транспарентност на Владата на Република Северна Македонија, со Акциски план 2023-2026 година, предложена од Кабинетот на заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики на добро владеење.
Приоритетни области, според предлагачот, се: унапредување на активната транспарентност; унапредување на пристапот до информации од јавен карактер; на фискалната транспарентност на Владата и другите органи на извршната власт; унапредување на дигиталните можности на институциите за олеснување и автоматизирање на процесот на отворање на податоците; зајакнување на механизмите за отчетност за креирањето на политиките.
Во Акциониот план за 2023-2026 година подетално се разработени мерки, конкретизирани со активности, временската рамка за имплементирање, проценката на потребните финансиски средства за имплементирање на активностите, носител на активноста, како и вклучени институции за спроведување на активноста.
На денешната владина седница, на предлог на Министерството за информатичко општество и администрација, беа разгледани и утврдени предлози на закони коишто се важни за реформата во јавната администрација и дигиталната трансформација на државата.
Законите, според предлагачот, ќе придонесат да се забрза процесот на подобрување на демократските процеси во државата, доближување на јавната администрација до граѓаните и синхронизација на дигиталните процеси со европските текови.
Конкретно станува збор за Предлог на закон за административни службеници, подготвен согласно препораките од Европската комисија и од СИГМА, што треба да придонесе кон професионална, мотивирана и деполитизирана администрација.
Со Предлогот на закон за вработените во јавниот сектор се уредува организационата единица за управување со човечки ресурси и мрежата на организациони единици за управување со човечки ресурси во институциите од јавниот сектор. Меѓу решенијата, се предлага забрана за вработување преку Агенции за привремени вработувања и вработување на определено време на раководни работни места, а во постапките за вработување секогаш да се избира најдобро рангираниот кандидат.
Со Предлогот на закон за безбедност на мрежни и информациски системи и дигитална трансформација, меѓу целите се обезбедување високо ниво на кибер безбедност со цел заштита и понатамошен развој на општеството и градење и развој на информациско-комуникациска (ИКТ) инфраструктура, односно поефикасна и поефективна дигитална трансформација на јавниот сектор. Една од клучните цели на овој закон е дигитална трансформација на јавниот сектор, што ќе се однесува на органите на државната управа, освен на органите на државната управа од областа на безбедноста и одбраната на Република Северна Македонија. Дигиталната трансформација ќе се однесува и на други институции од јавниот сектор по нивно барање, а во согласност со овој закон и Планот за дигитална трансформација на јавниот сектор.
Со Предлогот на закон за стручно усовршување и обука на административни службеници се има за цел примена на принципите на ЕАП (Европскиот административен простор) во националната администрација, согласно Уставот и законите на Република Северна Македонија, односно да се обезбедат знаења и вештини во администрацијата коишто ќе се јакнат, надградуваат и развиваат, а во коишто ќе бидат вградени принципите на ЕАП (Европскиот административен простор). Со ова законско решение, за прв пат досега, во администрацијата системски ќе се уреди и институционално ќе се опфатат стручните обуки за усовршување на административните службеници.
Со Предлог законот за изменување и дополнување на законот за електронско управување и електронски услуги целта е да се употребат инфраструктурата и кадровските капацитети на А.Д. Македонска Пошта на Северна Македонија – Скопје низ целата територијата на Република Северна Македонија, со што ќе се овозможи да има посебен обележан шалтер, каде граѓаните ќе бидат опслужени и ќе можат да добиваат услуги коишто ги нуди Една Точка за Услуги (ЕТУ). Очекувањата се зголемување на бројот на електронски услуги за граѓаните, коишто ќе бидат достапни во шалтерите на Една Точка за Услуги.
Владата денеска го разгледа и утврди текстот на Предлог-законот за помилување, предложен од Министерството за правда.
Причините за донесување нов Закон за помилување, според предлагачот, произлегуваат пред сѐ, од недостатоците и правните празнини во постојниот Закон за помилување („Службен весник на РМ” бр. 20/93, 12/09 и 99/16), од аспект на неговата практична примена, како и од потребата за попрецизно нормирање на одредени прашања регулирани со законот. Заради честите проблеми со коишто се соочува практиката, од аспект на неопходност од итност на постапката, во новиот Закон, како што е образложено од ресорното министерство, се предвидуваат рокови за постапување на учесниците во постапката за помилување. Меѓу другото, се врши и терминолошко усогласување на одделни називи и поими. Односно, со овој Предлог на закон за помилување се уредуваат поимот и видовите помилување, дејството на помилувањето, лицата овластени за поднесување молба за помилување, како и постапката и актите на надлежните органи во врска со помилувањето. А, една од најзначајните измени во законот е тоа дека претседателот на државата може да даде помилување само за казна, а не и за кривично гонење на поименично определени лица. Исто така се разработува постапката за помилување, при што клучни се и одредбите за одговорност на лицата кои постапуваат по предметите, како и на нивните претпоставени.