22/11/2024
Македонија

Министерството за правда планира изготвување на Закон за надоместок на жртвите од кривични дела

Денеска се одржува вториот ден од меѓународната конференција на високо ниво во рамките на стратешкиот дијалог на регионална соработка за борба против недозволената трговија. Клучната порака која ја испрати министерката Дескоска во денешното обраќање е дека Министерството за правда планира изготвување на Закон за надоместок на жртвите од кривични дела.

Министерката Дескоска ги презентираше предизвиците со кои се соочуваме како држава во поглед на недозволената трговија, и го презентираше инстуционалниот одговор против ваквата трговија – активностите кои Владата на Република Македонија ги презема во справувањето со сите облици на недозволена трговија.

Според министерката, недозволената трговија претставува комплексен проблем кој во себе вклучува голем број сегменти како трговијата со луѓе и мигранти, недозволената трговија со оружје, дроги и културни добра и слично.

Во таа насока, министерката истакна дека во нашиот правен систем се вградени сите механизми за успешно справување со организираниот криминал, како: заштитата на сведоци, одговорноста на правните лица, проширената конфискација, посебните истражни мерки и други бројни алатки кои им ја олеснуваат работата на органите на прогонот.

– Не смееме да ја заборавиме и другата страна на овој вид криминал, посебно кај трговијата со луѓе, а тоа се жртвите. Би сакала да ве информирам дека во Министерството за правда е планирано изготвување Закон за надоместок на жртвите од кривични дела. Исто така во измените на Кривичниот законик кои се во тек, согласно препораките на ГРЕТА вградуваме одредби за неказнување на жртвите од трговија со луѓе за нивна неказнивност за сторени дела поврзани со нивната позиција на жртва – потенцираше Дескоска.