22/11/2024
Македонија

Министрите Тевдовски и Фазлиу: Владата го усвои законот за финансиска поддршка на општините за отплата на заостанатите долгови

Денеска Владата на Република Македонија го усвои предлог законското решение со кој на општините им се ставаат на располагање 3 милијарди денари за покривање на заостанатите долгови. Министерот за финансии Драган Тевдовски, на прес-конференцијата на која присуствуваше и министерот за локална самоуправа Фазлиу, рече дека секоја општина ќе добие неповратни средства за да покрие 51% од пријавените обврски. Овие средства се предвидени со ребалансот на буџетот.

„Средствата кои ќе се доделат на единиците на локалната самоуправа како финансиска поддршка се строго наменски и неповратни. Целта е да се зајакне фискалниот капацитет на единиците на локалната самоуправа, сервисирање на долговите и раздолжување кон стопанството“, рече Тевдовски.

Министерот за финансии посочи дека освен решавање на проблемот со долговите на општините, Владата ќе воспостави механизам за спречување на акумулирање на долгови во иднина. Се предлагаат измени на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа со воспоставување на фискално правило за планирање на сопствените приходи на основниот буџет на единиците на локалната самоуправа.

„Преоптимистичкото планирање на приходите е една од причините поради кои општините креираа неизмирени обврски во претходните години. Со предлог измените на Законот се воведува ограничување при планирање на сопствените приходи на основниот буџет на општините, во смисла истите да може да се планираат со пораст од најмногу 10% од просечно остварените приходи во последните три години, според податоците од трезорската евиденција. Во однос на истото се предвидени исклучоци само доколку општината има обезбедено потврда за трансфер на средства од соодветна институција за реализација на проекти во општината.

Заклучно со 30 септември годинава, електронскиот систем за евиденција на Министерството за финансии забележал стари пријавени доспеани, а неплатени обврски, во износ од 18,817 милијарди денари. Ова е за 3,527 милијарди денари помалку во однос на обврските пријавени со пресечен датум 31 мај 2017 година. Намалувањето се должи на намалувањето на неплатените обврски кај буџетските корисници на национално ниво во износ од 3,6 милијарди денари во споредба со мај 2017 година“, рече министерот за финансии.

Министерот за локална самоуправа, истакна дека со денешната одлука на владината седница решава проблем со кој се соочува речиси секоја општина во Р. Македонија. Тој додаде дека од општините ќе се бара и да ја зголемат транспарентноста. Тие ќе мора да испратат и детали за доверителите на кои ќе им се исплатат средствата.

„Општините сопствените приходи може да ги планираат до најмногу 10% од просечните приходи во последните 3 години, ова би значело дека општината ќе може да го надмине максималниот износ од планирани приходи само доколку има обезбедено потврда за трансфер на средства.

Доколку буџетот на Општината не е изготвен во согласност со овие измени истиот нема да биде впишан трезорот на Министерството за финансии.

Истовремено очекуваме од Единиците на локална самоуправа да ги зајакнат нивните напори во насока на транспарентност и отчетност односно да ја зголемат комуникацијата кон јавноста со јасни информации – како ги трошат парите на граѓаните.

Во законот е предвиден дел за зголемување на транспарентноста односно Општините ќе мораат да ги објавуваат јавно на своите веб страници податоците за трошење на парите како и тоа на кои доверители им е исплатено“, истакна министерот Фазлиу во своето обраќање.


Тевдовски: Со предложените законски решенија за отплата на заостанатите долгови се очекува значително подобрување на фискалната позиција на општините

Почитувани граѓани,

Почитувани претставници на медиумите,

Целта на оваа прес-конференција е да Ве информира за три работи:

– објавувањето на преземените, а неплатени обврски на државните институции;
– законското решение за финансиската поддршка на единиците на локалната самоуправа; и
– воспоставувањето на механизам за зголемувањето на фискалната дисциплина кај единиците на локалната самоуправа. 

I.      Закон за пријавување и евиденција на обврските

Законот за пријавување и евиденција на обврските беше донесен од страна на Собранието во април годинава. Дополнително, заради имплементација на законот во Министерството за финансии е направен софтвер (електронски систем) во кои се пријавуваат обврските од страна на: буџетските корисници; единиците на локалната самоуправа; установите и институциите кои вршат дејности од областа на културата, образованието, здравството, детската и социјалната заштита, како и во други дејности од јавен интерес утврден со закон основани од Република Македонија или единиците на локална самоуправа; исто така јавните претпријатија и трговските друштва во сопственост на државата; и други правни лица чиј основач е Република Македонија или единиците на локалната самоуправа.
 
Неплатените обврски на државните институции, со пресечен датум 30.9.2018 година, се достапни на веб страната на Министерството за финансии. Прегледот на неплатените обврски е изработен врз основа на податоците кои институциите од јавниот сектор ги пополнија во електронскиот систем. Притоа, одговорноста за целосно, точно и навремено пријавување на обврските е на институциите од јавниот сектор.

Износот на пријавените доспеани, а неплатени обврски, со пресечен датум 30.9.2018 година, изнесува 18,817 милијарди денари (307 милиони евра). Ова е за 3,527 милијарди денари (56 милиони евра) помалку во однос на обврските кои беа пријавени со пресечен датум 31.5.2017 година. А, намалувањето се должи пред сѐ на намалувањето на неплатените обврски кај буџетските корисници на национално ниво во износ од 3,6 милијарди денари во споредба со мај 2017 година.
II.    Финансиска поддршка на единиците на локална самоуправа

Единиците на локалната самоуправа, заедно со единките корисници основани од единиците на локална самоуправа од областа на образованието, културата, детската и социјалната заштита имаат пријавени доспеани, а неплатени обврски од околу 5,95 милијарди денари, од кои единиците на локална самоуправа 5 милијарди, а нивните единки корисници 950 милиони денари.

Владата денес усвои предлог законско решение со кое се уредува финансиската поддршка за единиците на локалната самоуправа и единките корисници кои се основани од нив. Во него се предвидува обезбедување на 51% од пријавените, а неплатени обврски за сите општини. Во Ребалансот на буџетот се планирани средства за оваа намена во износ од 3,020 милијарди денари. Средствата кои ќе се доделат на единиците на локалната самоуправа како финансиска поддршка се строго наменски и неповратни.

Целта е да се зајакне фискалниот капацитет на единиците на локалната самоуправа, сервисирање на долговите и раздолжување кон стопанството. 

III.  Воспоставување на механизам за спречување на повторно зголемување на неплатените обврски од страна на општините во иднина

Истовремено со финансиската поддршка на единиците на локалната самоуправа, Владата предлага измени на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа со воспоставување на фискално правило за планирање на сопствените приходи на основниот буџет на единиците на локалната самоуправа.

Нереалното планирање на буџетите на единиците на локалните самоуправи, односно пре-оптимистичкото планирање на приходите е една од причините поради кои единиците на локалната самоуправа креираа неизмирени обврски во претходните години.

Со предлог измените на Законот се воведува ограничување при планирањето на сопствените приходи на основниот буџет на општините, во смисла истите да може да се планираат со пораст од најмногу 10% од просечно остварените приходи во последните три години, според податоците од трезорската евиденција. Во однос на истото се предвидени исклучоци само доколку општината има обезбедено потврда за трансфер на средства од соодветна институција за реализација на проекти во општината или доколку дојде до промена на законската регулатива. 

На ваков начин со предложените законски решенија се очекува значително подобрување на фискалната позиција на општините.