22/11/2024
Македонија

Министрите Тевдовски и Фазлиу со градоначалниците на Битола, Тетово и Гевгелија

Денеска во Медија центарот на Владата на Република Македонија се одржа прес конференција на којашто се обратија Министерот за финансии, Драган Тевдовски, Министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу, градоначалничката на општина Битола, Наташа Петровска, градоначалничката на општина Тетово, Теута Арифи и градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков. Министрите и градоначалниците дадоа поширок осврт за позитивните апсекти од новата мерка планирана во ребалансот на Буџетот за финансиска поддршка од 3 милијарди денари за покривање на заостанатите долгови на општините односно 51% од пријавените обврски како и за заштитните механизми предвидени во Законот за финансирање на единиците на локална самоуправа со кои ќе се воспостави ред во планирањето на општинските буџети.

„Граѓаните и стопанството ќе имаат бенефит од владината помош за отплаќање на дел од натрупаните, а неплатени обврски на локалната самоуправа. Граѓаните ќе можат непречено да ги добиваат општинските услуги. Фирмите ќе може да наплатат дел од своите побарувања, со што ќе се зголеми ликвидноста на стопанството. Владата ќе активира и заштитни механизми, за да не се трупаат нови долгови“,  истакна министерот за финансии Драган Тевдовски.

Министерот Тевдовски рече дека во Министерствто за финансии беа затекнати многу наследени проблеми и последици од недомаќинското работење со јавните финансии изминативе години.

„Наследивме многу проблеми и многу последици од недомаќинското работење со финансиите. Дотогаш немало намера оваа ситуација да се среди. Еден од главните предизвици беа обврските на институциите. На централно ниво имавме обврски од 5.1 милијарди денари, за помалку од една година ги намаливме на 1.5 милијарди денари. Сега тие институции можат нормално да функционираат. Сега им помагаме на општините и на училиштата, градинките и домовите на културата во нивна надлежност. Со 3 милијарди денари, обезбедуваме поддршка за 51% од пријавените, а неплатени обврски. Она што е уште поважно е дека ќе се стави ред. Целта е проблемот да се решава, но и да се превенира негово повторување во иднина“, посочи Министерот Тевдовски.

Министерот за финансии посочи дека главна причина за натрупувањето на неплатени, а доспеани обврски кај општините е нереалното проектирање на буџетите чии приходи биле проектирани нереално високо заради што преземале обврски кои потоа не можеле да се платат. Министерот рече дека Владата воведува механизми со кои ова ќе се спречи во иднина. Општините ќе може да ги проектираат своите приходи со најмногу 10% раст од просечната реализација во последните 3 години.

„Владата со овој чекор за санирање на општинските долгови не тргна со намера да наградува,  туку да создаде амбиент, сите граѓани, без разлика во која општина живеат, да можат да ги добијат услугите кои што општината е должна да им ги обезбеди. Граѓаните не смеат да бидат оштетени“, порача Министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу во своето обраќање.

Минситерот Фазлиу зборуваше за најавените измени на Законот за финансирање на единиците на локална самоуправа и рече дека доколку буџетот не биде подготвен во согласност со овие измени нема да биде впишан во трезорот на Министерството за финансии.

„Оваа мерка е одговор на наодите  во Извештајот на Државниот завод за ревизија за финансиската нестабилност на општините за периодот од  2012 до 2016 година, каде е констатирано дека има: значително отстапување на планирањето од реализирањето на буџетите на општините, несоодветно евидентирање на обврските кон добавувачите, како резултат на што од 2012 до 2017 година околу 20% од општините постојано се со блокирани сметки и постојано растат вкупниот долг и каматите. Оваа пракса не смее да продолжи и затоа  законот инсистира на зголемена транспарентност и отчетност во работењето“, рече министерот Фазлиу.

Градоначалниците на општините Битола, Тетово и Гевгелија, Наташа Петровска, Теута Арифи и Сашо Поцков зборуваа за важноста на ваквата финансиска поддршка на Владата на Република Македонија, за редот којшто се воспоставува во планирањето на општинските буџети и за отворањето на фискален простор со кој општините ќе можат полесно да планираат и реализираат развојни проекти во интерес на граѓаните.

„Ќе се ослободи фискален простор со кој општината ќе може средствата понатаму да ги насочи во подобрување на услугите кон граѓаните. Со подмирувањето на дел од долговите од страна на Владата, конечно, во образовните институции ќе може да се вложува за нормални услови во воспитнообразовниот процес“, рече градоначалничката на општина Битола, Наташа Петровска.

„Со ова мерка Владата на РМ јасно го покажува стремежот за заеднички напредок, започнувајќи од локалните самоуправи, кои го претставуваат делот од власта, која е секојдневно во контакт со граѓаните и нивните потреби. Исто така исплатата на поголемиот дел од долгот на општините ќе овозможи тие да застанат на здрави нозе“,  истакна градоначалничката на општина Тетово, Теута Арифи.

„Предлогот Владата на Република Македонија да интервенира и да преземе мерки за покривање на 51% од долговите на општините за нас како градоначалници е многу значаен. Ќе можеме да се посветиме на нови проекти, а од друга страна ова е и добра вест за нашите стопанственици кои се доверители на општината“, рече градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков.

https://www.youtube.com/watch?v=CMOsu4mV6mQ