Министрите Царовска, Филипче и Сугарески се сретнаа и одговорија на барањата на родителите на деца со попреченост
Министрите за труд и социјална политика, за здравство и за транспорт и врски, Мила Царовска, Венко Филипче и Горан Сугарески денеска во Владата на Република Северна Македонија се сретнаа со претставници на родителите на деца со попреченост со кои разговараа за нивните проблеми и барања.
Тројцата министри им најавија дека наредниот период ќе работат на законски измени и правилници со коишто ќе ги опфатат нивните иницијативи и барања, меѓу коишто се зголемување на правото за попреченост, намалување на старосната граница за користење на персоналната асистенција, ослободување од партиципација на лицата со попреченост над 26 години и можноста за користење на лесно пристапни социјални станови. Во делот на барањата се и добивање на надстандардни ортопедските помагала за што министерот Филипче најави дека во тек се законски измени.
Владата на Република Северна Македонија посветено работи на подобрување на условите за живот на сите лица со попреченост во државата. Минатата годината посебниот додаток за деца со попреченост беше зголемен за 15%, надоместокот за скратено работно време е покачен до 50% од просечна плата, проширено е правото на користење на додатокот за попреченост и за лицата со интелектуална попреченост. Со Закон за социјална заштита, родителот кој се грижи за своето дете до неговата 26 година без да биде институционализиранo и кој е невработен и не користи старосна пензија, има право на пензија. Ова право жените го остваруваат на 62 години, а мажите на 64 години возраст. Исто така, воведени се две целосно нови услуги- персонална асистенција и помош во домот.