23/11/2024
Македонија

Мицкоски: Денот на албанската азбука е потсетник за тоа како писменоста и образованието можат да бидат мостови меѓу луѓето

Драги пријатели,

Денес, со почит се собираме заедно да го одбележиме Денот на албанската азбука – симбол на образованието, културното богатство и напредокот на албанскиот народ.

Овој ден, 22 ноември, нè потсетува на Конгресот во Битола, одржан во 1908 година. Таму, со мудрост и единство, интелектуалците донесоа одлука која ќе го трасира патот на албанскиот јазик кон иднината – создавањето на единствена и стандардизирана азбука. Оваа одлука не беше само лингвистичка; тоа беше акт на создавање на иднина и едно културно обележје.

Живееме во време на силна диверзификација на различности. Албанската заедница е дел од оваа мозаична слика. Наша заедничка обврска е да продолжиме да градиме општество во кое секој граѓанин, независно од етничката или јазичната припадност, ќе се чувствува рамноправен и ќе има можност да го даде својот придонес за заедничкото добро.

Во овој дух, Денот на албанската азбука е потсетник за тоа како писменоста и образованието можат да бидат мостови меѓу луѓето. Не темите кои не разделуваат, не политичките барања на поединци кои многу години претходно се криеја позади народот кого го крадеа. Јасното фокусирање кон приоритетите, кон реалните потреби за образование, економија и напредок ни помагаат да ги надминеме разликите, да ги споделиме нашите вредности и да изградиме посилна, поединствена заедница.

Воедно денешниот ден ќе го искористам да зборувам за двете основни вредности кои го обликуваат секое општество – писменоста и образованието. Тие се основата на нашиот индивидуален и колективен развој, алатките што ни овозможуваат да ги оствариме своите цели и да изградиме подобра иднина.

Писменоста е првиот чекор кон слободата. Таа ни овозможува да комуницираме, да разбираме и да го изразуваме својот потенцијал. Таа е алатка за стекнување знаење, за развивање критичко размислување и за навигација низ светот. Но, писменоста не е само учење на буквите и бројките – таа е мост што нè поврзува со нашата култура, историја и со светот што нè опкружува. Образованието, пак, ја надградува писменоста и ни овозможува да го откриеме целиот спектар на можности што ни стојат на располагање. Преку образованието, ги учиме основните вредности на човештвото – толеранцијата, почитта и емпатијата. Ги развиваме нашите способности, ги отвораме вратите кон нови идеи и стекнуваме алатки за решавање на предизвиците.

Во нашата држава, образованието и писменоста се не само индивидуални потреби, туку и колективна одговорност. Тие се клучни за економскиот развој, за градење праведно и инклузивно општество и за зацврстување на демократијата. Само писмени и образовани граѓани можат активно да учествуваат во општествениот живот, да носат информирани одлуки и да придонесуваат за просперитетот на нацијата.

Мораме да разбереме дека образованието не завршува во училишните клупи. Тоа е процес што трае целиот живот. Како општество, мора да создадеме услови за постојано образование, за надградување на вештините и за охрабрување на креативноста. Но, за да го постигнеме тоа, потребна е заедничка заложба. Владата има одговорност да обезбеди квалитетно образование за сите – без разлика на етничка припадност, пол, географска положба или социјален статус. Семејствата имаат одговорност да ги поддржуваат своите деца во образовниот процес, а заедницата – да создаде средина во која знаењето ќе биде вреднувано и поттикнувано.

Драги сограѓани,

Писменоста и образованието не се луксузи – тие се основни права и најмоќни инструменти за трансформација на нашето општество. Нивната важност не може да се измери со бројки, но нивното влијание се гледа во подобриот живот на секој поединец и во напредокот на целата заедница.

Да вложуваме во писменоста. Да ги отвораме вратите на образованието за сите. Да создаваме општество во кое знаењето ќе биде најсилната валута. Само така можеме да изградиме држава што ќе биде подготвена за иднината.

Нека овој ден не инспирира да работиме заедно, со љубов кон знаењето, со почит кон историјата и со поглед кон иднината.

Нека е честит денот на албанската азбука.