22/11/2024
Македонија

Мицкоски: Наследивме опљачкана држава, но ќе победиме и ќе донесеме подобри денови за граѓаните

Почитуван претседател на Собранието,

Почитувани пратеници,

Дами и господа….

Ова мое обраќање се случува точно еден месец од формирањето на новата Влада. И секој еден ден во овие триесетина дена се будам со мислата да подобриме и промениме нешто од она што затекнавме, и со сериозен мотив да не ги разочараме граѓаните, она огромно мнозинство кое во нас ја гледа последната надеж да создадеме подобра иднина и да ги нормализираме работите.

30 дена е многу кус период, но несомнемно е дека оваа Влада започна фуриозно и одлучно, бескомпромисно во намерата да ги поправиме работите, да решиме што е можно повеќе проблеми и да направиме разлика.

Јас не побарав меден месец, ниту 100 дена грејс период каков што имала секоја влада, затоа што верувам во капацитетите на оваа Влада и она што можеме да го направиме за народот. И секоја одлука, секоја објава на инвестиција која ја направивме овие 30 дена, а ги имаше три големи објави за инвестиции, инвестиција вредна 450 милиони евра во ветерен парк во Штип, Карбинци и Радовиш, новата инвестиција на американски Вабтек 35 милиони евра, како и германско-белгиска инвестиција од 20 милиони евра во Петровец. Се донесе одлука за специјалната финансиска соработка со Унгарија и каматна стапка која е двојно помала од онаа којашто во моментов е пазарната, или би рекол двојно помала и повеќе од онаа со која претходната Влада ги задолжуваше граѓаните.

Се донесе и одлука и за покачување на пензии, се направи ребаланс со кои се крпеа дупките и катаклизмата од грабежот кој го направи претходната Влада. При секој момент од носењето од овие одлуки секогаш внимавав да направиме повеќе за народот. Државата, Македонија да направи повеќе за граѓаните.

Не е никакво оправдување, ниту имам намера да се жалам за наследената ситуација затоа што јас од ветеното никогаш не се откажувам, но објективно е да нагласам дека наследивме опљачкана и клекната на колена држава.

Во овие четири недели констатиравме дека се трошат милиони евра во железница која завршува во тунел кој нема излез, половина милијарда евра пари на македонските даночни обврзници,  во измислени други тунели и подземни премини. Дека се давани незаконски лиценци за игра на среќа, дека претпријатија свесно и намерно се оставани без исплата на плати. Буџетите се безмилосно трошени и дека државата крвнички и душмански се крадела.

Епа господа, бидете така затоа што многу скоро ќе има и одговорност. И нема да ве одмине. Затоа што верувајте дека нема да има напредок без одговорност, и нема да има правда без одговорност. И сите овие, но и многу други случаи кои се документираат во периодов ќе бидат предадени на надлежните органи.

Додека една половина од денот носев инвестиции и двоевме повеќе пари за пензии и смислувавме решенија за проекти и градинки, другата половина од времето го трошевме за смислување на решенија за исплата на плати, да обезбедиме нормализирање на состојбите, да обезбедиме летала за пожарите, да најдеме пилоти, да измолиме помош од други држави, затоа што камен на камен не оставено.

Но сакам да испратам порака до сите граѓани, навистина е тешко, но ќе победиме и ќе создадеме промени кои ќе донесат иднина и дека граѓаните ги чекаат подобри денови. Дека има многу нови работи и заеднички победи, инвестиции и проекти кои значително ќе го подобрат животот на граѓаните. И дека нема откажување. Народот е посилен од секоја клика, секој рецидив кој нè влече надоле. И ова е ново време. Време на надеж, енергија и посветеност во политиката.

Еден месец подоцна владиниот состав се дополнува со министри-заменици. И добро е што помина толку време за да добро се скенираат состојбите и се понудат подобри решенија.

Јас сум човек кој дава шанса и сметам дека треба шанса да добијат овие луѓе, кои денес ги предлагам и кои треба да работат напорно во исполнување на целите.

Со изборот на овие заменици на министрите, нашата цел е да ја зацврстиме стабилноста на Владата и да обезбедиме ефикасна и компетентна извршна власт.

Новиот тим ќе донесе свежи идеи и енергија во Владата. Тие ќе работат заедно со министрите за да ги реализираат реформите кои ќе придонесат за подобрување на животниот стандард на сите граѓани.

Еден од нашите клучни приоритети е зголемување на транспарентноста и отчетноста на Владата.

Со новиот состав на Владата, ќе продолжиме со поддршка на економскиот раст и развој. Овие луѓе ќе имаат значајна улога во креирање и имплементација на политики, кои ќе поттикнуваат инвестиции и ќе создаваат нови работни места.

Еден од приоритетите на новиот состав на Владата ќе биде и подобрување на меѓународната соработка. Новите заменици на министри ќе работат активно на јакнењето на нашите односи со партнерите и пријателите во странство. Тие ќе имаат задача да поттикнуваат иновации и да креираат можности за младите. Нивната работа ќе биде насочена кон создавање на поволни услови за развој на нови технологии и стартапи.

Нашата Влада верува во инклузивност и соработка. Замениците на министрите ќе работат на остварување на подобра соработка меѓу институциите и граѓаните, како и на промовирање на инклузивни политики кои ќе го подобрат животот на сите наши сограѓани.

Верувам дека новите лица во политиката можат да донесат свежи идеи и енергија. Многу од замениците на министрите се млади и амбициозни луѓе кои ќе внесат нова динамика во работата на Владата.

Уверен сум дека овие заменици на министрите ќе ја оправдаат довербата која ја добиваат и ќе работат неуморно за доброто на сите граѓани. Затоа, ве повикувам да го поддржите нивниот избор и да дадеме шанса за подобра и поуспешна иднина.

Истото што го кажав и за министрите ќе го кажам и за предложените заменици. Немојте да го разочарате народот. Работете чесно, посветено и одговорно. Ќе ме имате мене за ваша поддршка. Но исто така знајте дека секое отстапување од овие принципи ќе значи и одговорност. Нема да толерирам неработа и непринципиелност.

Верувам во енергијата и капацитетот кој мора да се стави во функција на државата и нејзините граѓани. Ова е нашиот влог за Македонија каква сакаме да ја имаме.

Работа, посветеност и енергија за секој еден човек. Ви благодарам“.