24/11/2024
Македонија

МНР Димитров на Тинк Тенк Форумот во рамки на Берлинскиот процес

Министерот за надворешни работи Никола Димитров, денес имаше обраќање на панелот за „Владеење на правото, миграција, безбедносни и хибридни закани”, којшто е дел од Тинк Тенк Форумот што се одржува во Скопје, а е во рамки на заедничкото претседателство со Берлинскиот процес на Република Северна Македонија и Република Бугарија за 2020 год.

Осврнувајќи се на македонскиот драстичен случај во контекст на евроинтеграциите, тој истакна: „Северна Македонија ќе стане европска демократија, каде централно место зазема владеење на правото; доколку ЕУ сака да ни помогне тој пат да биде помалку предизвикувачки, ќе биде повеќе од корисно за сите. Ние сме цврсто решени да одиме во тој правец”.

МНР на Република Бугарија, Екатерина Захариева исто така се обрати на панелот во рамки на Тинк Тенк Форумот, насловен „Поврзаност, економска конвергенција, животна средина” при што истакна: „Проблемот на Балканот е што премногу се фокусираме само на минатото. Мора да размислуваме и за иднината и за тоа како да ја изградиме заедно. Да се биде дел од Европската Унија значи да се работи за заедничкиот интерес и за иднината, а не да се размислува само за националните интереси.”

На маргините на состанокот на Министрите за надворешни работи во рамките на Берлинскиот процес, којшто исто така се одржува денес во Скопје, МНР Димитров оствари билатерална средба со Венди Мортон, државна министерка за европско соседство и Америки на Велика Британија.

Беше направен пресек на билатерланите односи меѓу двете земји по излезот на Велика Британија од ЕУ.  Се констатираше дека БРЕГЗИТ нема влијание врз економската соработка и трговијата меѓу двете земји, за која постои голем потенцијал за натамошно нејзино продлабочување. Беше потврдена силната подршка на Белика Британија на европската перспектива на земјата.

МНР Димитров: „Во големата слика нашата цел е да станеме вистинска европска демократија. Британската вибрантна демократија е цврст пример дека системот на силни институции, владеење на правото и стеги и кочници се критични на тој пат. Северна Македонија претендира да и’ биде вреден сојузник на Велика Британија и во НАТО, одработувајќи го својот дел за доброто на земјата, регионот и Алијансата”.

На средбата се разговараше и за силната поддршка на Велика Британија на копретседавањето на Северна Македонија и Бугарија со Берлинскиот процес, особено во иницијативите на овој процес кои ги опфаќаат областите на безбедност, борба против тероризам и  антикорупциски политики.

Државната министерка Мортон: „Велика Британија има долгорочна заложба за градење стабилен, безбеден и просперитетен Западен Балкан. Ќе продолжиме да ја поддржуваме Република Северна Македонија во нејзините евроатлантски интеграции и да бидеме инволвирани во градењето на стабилно, просперитетно и инклузивно општество”.

Министерот Димитров ќе биде ко-домаќин на денешниот Состанок на министри за надворешни работи, со кој што се означува почетокот на заедничкото претседателство со Берлинскиот процес на Република Северна Македонија и Република Бугарија за 2020 година, по што следи заедничка прес-конференција.