26/11/2024
Македонија

МОН: За квалитетни обуки на младите, нов проект за јакнење на средното стручно образование со австриска поддршка

Министерство за образование и наука работи на зголемување на капацитетите и подготвеноста на средните стручни училишта за професионална соработка со приватниот сектор, преку регионалниот проект „ Обезбедување квалитет во работата на координаторите за учење преку работа“, што се реализира во соработка со австриското Федерално министерство за образование, наука и истражување и Агенцијата за образование и интернационализација од Австрија. Заменик министерот за образование и наука Лулзим Алиу, нагласи дека со претходниот проект беа обучени 80 координатори од средните стручни училишта, за да бидат врска меѓу училиштата и компаниите каде се спроведува практичната обука.

„Кога образованието и стопанството заеднички креираат политики, тогаш како резултат добиваме квалитетен кадар кој може да одговори на барањата на пазарот на труд. Тоа е и смислата на промените што ги правиме во средното стручно образование: преку редизајнирање на наставните програми, отворање нови образовни профили и унапредување на практичната обука, да им овозможиме на младите луѓе да стекнат компетенции, знаења и вештини кои ќе им обезбедат брзо вработување или успешно продолжување на образованието“, рече Алиу, додавајќи дека Министерство за образование и наука има голема меѓународна подршка во унапредувањето на средното стручно образование.

Заедно со Швајцарската агенција за развој и соработка и Швајцарската амбасада веќе две години се реализира социјалниот дијалог „Учи паметно, работи стручно“, со поддршка на Британската амбасада и УНДП во проектот „Премостување на јазот во вештини за создавање нови и подобри работни места“ е подготвен Концептот за развој на Регионални центри за стручно образование и обука, а со Делегацијата на германското стопанство во Македонија се реализира дуално образование по германски модел во неколку средни училишта. 

„Резултатите од сите овие активности се импресивни – ако во учебната 2020/2021 имавме само 11 дуални паралелки, за одбележување е дека идната учебна година, 2022/2023  отвораме 220 дуални паралелки, во соработка со 450 комании. Бројките покажуваат голем раст на компаниите кои одлучија да соработуваат со стручните училишта и да им овозможат обука на учениците во реални производствени услови“, посочи заменик министерот Алиу.

Континуираното зголемување на бројот на ученици кои одбираат средно стручно образование, заменик министерот рече дека е резултат на привлечните профили за кои се оспособуваат учениците во дуалните паралелки но и на промоцијата на предностите на дуалното образование директно во локалните средини, низ цела држава. Атрактивноста ја зголемуваат политиките на стипендирање, така што учениците запишани во дуална паралелка добиваат месечен износ од 3.500 денари за 9 месеци во годината, што е значајно зголемување на стипендиите за ученици запишани во средно стручно образование.

Заменик министерот појасни дека во тек е темелна реформа на целиот национален образовен систем, со цел учениците низ воспитно-образовниот процес да стекнуваат витални меки вештини како што се критичко размислување, креативност, комуникација и соработка.

Со цел модернизацијата на системот на стручно образование и обука да добие системска рамка, во подготовка е и нов закон за стручно образование и обука.

На најавата на новиот проект присуствуваше и амбасадорот на Република Австрија Георг Вуцас.