17/11/2024
Македонија

МОН: Унапредена е Концепцијата за основно образование, согласно сугестиите на наставниците и стручната јавност

Направени се измените на Концепцијата за основно образование, на чија потреба во изминатиот период упатуваше стручната и пошироката јавност, а особено наставниците од основните училишта. Согласно доставените сугестии за време на периодот во кој Концепцијата беше ставена на јавна дискусија, Бирото за развој на образованието интервенираше и ја подготви новата унапредена содржина.

 Измените овозможуваат повторно враќање на научните дисциплини историја, географија, биологија, физика и хемија како посебни предмети во третиот воспитно – образовен период од основното образование (седмо, осмо и деветто одделение), имајќи предвид дека претходно Концепцијата предвидуваше нивна интеграција со нејасно дефинирани насоки за реализација на часовите, но и кратење на многу содржини кои се од исклучителна важност за учениците на соодветната возраст.

 Како резултат на измените во Концепцијата, во следниот период ќе се изработи и нов Наставен план за основното образование, но и нови наставни програми по соодветните предмети во седмо, осмо и деветто одделение, кои етапно ќе се воведуваат почнувајќи од учебната 2025/2026 година, како и во двете учебни години потоа.

 Министерството за образование и наука изразува благодарност до сите општествени чинители кои со свои сугестии придонесоа за унапредување на содржината Концепцијата за основно образование, како и до Бирото за развој на образованието кое е носител на целиот процес. Продолжува транспарентното работење, со вклучување и активно учество на сите засегнати страни во креирањето на образовните промени.