МТСП: Лицата во карантин сместени во депандансот во Демир Капија, обезбедени се сите потребни услови и поддршка
Министерството за труд и социјална политика ја информира јавноста дека во депандансот Демир Капија, којшто се наоѓа во атарот на село Ергеле, во моментов се сместени 11 лица за кои е потребна изолација, согласно мерките за превенција и спречување на ширење на КОВИД-19.
Во објектот се обезбедени сите услови за престој на лицата, редовно се доставуваат средства за хигиена, оброците се дистрибуираат спакувани во индивидуални порции, а здравствена заштита е обезбедена од мобилни здравствени тимови. Дополнително, секојдневно се спроведува дезинфекција на објектот.
Министерството за труд и социјална политика, со поддршка на меѓународните организации, минатата година целосно го реновираше објектот и истиот е пристапен и за лица со физичка попреченост.
Во редовни услови, овој објект ќе функционира како давател на социјални услуги кои не вклучуваат долгорочно згрижување, како што е одмена на семејна грижа и слично.