22/11/2024
Македонија

МТСП: Социјалната реформа во Македонија меѓу 60 позитивни примери за социјални иновации од светот

Министерката за труд и социјална политика присуствуваше на настанот за промоција на книгата „Размислувања за социјалните иновации“, посветена на социјалните светски практики. Во книгата се претставени повеќе од 60 примери за добри практики, меѓу кои е вклучена и социјалната реформа која во моментот се реализира во Македонија.

„Наша цел е да изградиме систем на социјална заштита кој обезбедува квалитетен живот за сите и од кој ќе има бенефит целото општество, а не само поединци. Токму ова е суштината на социјалната реформа, со која им помагаме на преку 40.000 граѓани трајно да излезат од сиромаштија, а исто така драстично ја намалуваме и детската сиромаштија. Градиме систем во кој никој нема да биде заборавен, и кој ги опфаќа сите ранливи категории. Нудиме трајни решенија, овозможуваме шанса за секој, но истовремено ги третираме и големите општествени проблеми“, изјави Царовска.

Оваа книга е збир на социјални иновации кои го истакнуваат нивното значење за различните заедници и целото општество. Нашиот модел е претставен како една од социјалните иновации што се случуваат во светот, заедно со примери од Финска, Исланд, Хрватска, Словенија и други.

Социјалните иновации се дефинираат како барање одговори кои ќе придонесат за праведно општество и слободен живот за што повеќе луѓе. Решенијата кои произлегуваат од овие иновации го опфаќаат и позитивно се одразуваат на целото општество, наместо на поединци.

На тркалезната маса по повод промоцијата на книгата „Размислувања за социјалните иновации” учествуваа повеќе автори и соработници. Настанот е во организација на Факултетот за образование при Универзитетот во Љубљана. Книгата е едитирана од Проф. д-р Славко Габер и д-р Вероника Ташнер.