22/11/2024
Македонија

Наставниците на средба со Царовска: Реформите се потребни, тие се во интерес и на децата и на нашите барања

Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образование и членовите на работната група денес се сретнаа со наставници од сите општини во државата со што го продолжија широкиот консултативен процес во врска со предложените реформи во основното образование. Консултациите за концепцијата продолжуваат и во наредниот период со различни групи засегнати страни.

Наставниците на средбата истакнаа дека реформите се неопходни затоа што со години нема промени во образовниот систем со што практично се уназадува нашето образование.  Ги поздравија промените со кои се дава поголема слобода во изборот на начинот на којшто ќе ги организираат часовите, но и воведувањето на кариерниот развој, којшто освен напредување во професијата значи и дополнителни финансии. Ова се едни и од клучните долгогодишни барања на наставниот кадар кои сега конечно се решаваат.

Едни од главните теми коишто се наметнаа на дискусијата, а се и најбројни меѓу пристигнатите забелешки до МОН се динамиката со којашто ќе се спроведуваат реформите, како обуките коишто им претстојат на наставниците.

Министерката за образование и наука Мила Царовска на средбата истакна дека наставниците се сржта на образованието и новата реформа се фокусира на нив и на нивниот професионален развој. Министерката рече дека наставниците се повеќе од потребни во овој процес и никој нема да ја изгуби работата и ниту еден предмет нема да биде укинат. Имплементирањето на реформата, откако ќе биде донесена концепцијата, ќе се одвива постепено во следните 6 години. Планот е да започне  во прво и во четврто одделение од идната учебна година.

„Наставниците се фокусот на оваа реформа и се вклучени во нејзиното создавање од самиот почеток. Тие имаат централно место во системот и од нив зависи квалитетот на целокупното образование. Затоа, тие беа вклучени од самиот почеток во дефинирањето на клучните промени кои ги бараат и кои самите знаат дека ќе го подобрат нивното работење, условите за работи и квалитетот на наставата. Јас сум горда што за прв пат овозможуваме кариерен развој за наставниците, нешто што беше клучно за да се зголеми мотивираноста кај нив и квалитетот на наставата. Се обврзуваме како министерство дека реформата ќе ја дочекаме подготвени и ќе дадеме максимум за секој да биде целосно мотивиран и спремен да почне со работа. Свесна сум дека секоја промена носи страв и дека промените не се лесни, но уверувам дека се во интерес на сите и пред сé на наставниците. “, рече Царовска.

Реформата во основно образование е дел од Стратегијата на МОН за периодот 2018-2025 година, предвидена е со Законот за основно образование и е дел од владината програма. Во нејзината изработка беа вклучени универзитетски професори, наставници, а земени се предвид и ставовите на родителите, учениците и родителите.