26/11/2024
Македонија

Николовски: Ги золемуваме површините под житни култури – Склучуваме рекордни 258 нови договори за закуп на земјоделско земјиште

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски од Свети Николе започна со доделување на договорите за закуп на државно земјоделско земјиште над 3 хектари за обработка на житни култури.

Распишаниот јавен оглас беше распореден во 14 региони низ државата и на располагање нудеше земјоделска површина од 5.722 хектари. Овој јавен оглас предизвика голем и до сега рекорден интерес кај земјоделците со дури 258 склучени договори за закуп.

“Наменски го објавивме овој оглас за да ги зголемиме обработливите површини под стратешки култури и во тоа успеавме. Токму ова беше нашата цел преку Националниот план за производство на храна, да обезбедиме нови земјоделски површини и да го зголемиме домашното производство за обработка на стратешки култури. Ова е денес прашањето кое целиот свет го мачи, предизвик пред кој секоја земја е исправена, како последица од војната во Украина. Како да се стабилизира домашното производство и да обезбедиме доволно храна“, изјави министерот Николовски на денешниот настан.

Министерот Николовски потенцира дека министерство навремено креираше мерки за поддршка, донесувајќи го Националниот план за производство на храна, во кој има мерки за поддршка на земјоделците при набавка на вештачко ѓубриво, мерки за зголемување на приносот од стратешки култури, давање на нови дополнителни хектари земјоделско земјиште за обработка, мерки за сточарите, мерки за поддршка до секој еден земјоделец. 

“Секој од нас мора да биде одговорен и на висина на својата задача. Мораме да бидеме здружени и обединети бидејќи само така полесно ќе ја поминеме оваа криза. Од вас барам, и на тоа како министерство ќе инсистираме цело време, произведените житни култури најпрво да ги дадете во домашни преработувачки капацитети. Така е чесно и одговорно кон сите граѓани, бидејќи мерките кои ги даваме до секој земјоделец се од парите на сите граѓани. Мораме сега сите да си помогнеме“, рече министерот Николовски.

Не оставаме ниту една педа земја необработена и веќе денес истекува и рокот за аплицирање на четирите јавни огласи за доделување под закуп на земјоделско земјиште до 3 хектари за подигнување на долгогодишни насади распоредено во 31 регион низ државата со вкупна површина од 4.294 хектари земјиште кое го ставаме на располагање. 

Активни до 21 јули се и двата јавни огласи за доделување под закуп на земјоделско земјиште над 3 хектари за производство на сточна храна и подигнување на долгогодишни насади. Вкупно на располагање преку овие два огласи ставаме 3.769 хектари државно земјоделско земјиште.   
МЗШВ прави се, за да обезбеди доволно храна за сите. Ги повикуваме земјоделците да ги следат јавните повици и максимално да ја искористат секоја мерка која се носи за поддршка на секој еден земјоделец. Она што ќе го праизведе да го зачуваме дома, во нашите домашни преработувачки капацитети. Сплотени заедно да се избориме со оваа криза.