23/11/2024
Македонија

Николовски: Нулта толеранција за корупција, нулта толеранција за функционерите и за целата јавна администрација кои ќе го прекршат законот

Денеска, заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, одржа прес-конференција по повод добиеното мандатно писмо од страна на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев. На прес-конференцијата, заменик-претседателот Николовски ги презентираше неговите надлежности и идните политики на Владата, во делот на борбата против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси.  

Во продолжение Ви го испраќаме интегралното обраќање на заменик-претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски.

„Ми претставува чест што во новиот владин состав ми е доделена функцијата заменик на претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси. Преку оваа функција која ќе има координативна улога во градењето на функционален систем бескомпромисно ќе се бориме против корупцијата и криминалот.

Прво добивме нова, мала, ефикасна и одговорна Влада, со помалку министри, подготвена да работи и да сработи посветено, исклучиво во интерес на граѓаните и државата. Новата Влада отвора длабинска и неселективна борба и фронт против криминалот и корупцијата. Во целиот процес важни ни се сите – институциите, медиумите, експертската јавност, невладиниот и граѓанскиот сектор, бизнис заедницата, академската заедница – сите алатки во општеството, за да обезбедиме редот и законот да важат за сите и секаде подеднакво. Новата Влада е цврсто одлучна, да се спротивстави во периодот што следи на корупцијата и криминалот, да работи посветено дома.

Свесни сме дека целиот процес ниту може, ниту некаде во било која држава започнал и завршил преку ноќ. Во периодот што следи во новиот чист и четиригодишен мандат, во новата програма на Владата, поставивме јасни столбови во борбата против корупција, преку воспоставување јасни и соодветни механизми за интензивна соработка меѓу сите надлежни чинители, преку силна политичка волја и преку мотивација на секој граѓанин, на сите нас, да се приклучиме во искоренувањето на оваа девијантна појава, којашто го враќа општеството назад.

Транспарентноста и отвореноста се наш врвен приоритет, а тие ќе бидат спроведени од највисоко сега и до најниско ниво. Оваа Влада конечно ќе ја оптимизира и јавната управа и ќе обезбеди соодветно алоцирање на човечките ресурси во јавниот сектор. Самото тоа ќе доведе и кон одржлив развој за нашата држава, а средствата ќе бидат искористени онака како што е најдобро за државата и за граѓаните.

Мојата позиција е резултат на определбата на новата Влада за воведување на систем кој постојано генерира и испорачува и правда, и правна држава, ред и поредок, и го гарантира владеењето на правото и оваа сигурност на сите граѓани! Дозволете ми да бидам поконкретен и да се осврнам на дел од моите заложби уште на почетокот на мојот мандат:

Ќе започнам од самата Влада и органите кои одговараат пред неа. Ќе работиме и работиме моментално на ревидирање на Кодексот за етичко однесување на членовите на Владата и функционерите именувани од Владата, така што тој ќе стане многу поприменлив и во согласност со најдобрите компаративни искуства.

Во имплементацијата на овој Кодекс, ќе важи максимата нулта толеранција за корупција, нулта толеранција за министрите, директорите, раководителите и за целата јавна администрација – секој што ќе го прекрши законот, ќе мора да сноси одговорност, мора да има ред еднаш засекогаш во институциите. Мора да ја вратиме довербата на граѓаните, на младите во функционирањето на системот, за да ја градат својата иднина тука.

Ќе се работи на развивање на системска алатка и концепт за следење на парите и капиталот на функционерите, за да може да превенираме незаконско зголемување на имотот на функционерите за време на вршење на јавната должноста и на сервис и одговорност кон граѓаните.

Ќе иницирам процес на редовно координирање на сите надлежни институции впрочем тоа ќе биде мојата клучна и главна улога, координативна улога којашто досега ја немаше, и којашто од сега треба да даде видливи резултати во борбата против корупцијата. А, тоа се институциите кои се под Владата, како што се  МВР, Управата за финансиска полиција, Управата за финансиско разузнавање, Царинската управа, УЈП, инспекторатите и целата извршна моќ и институции кои имаат надлежност и се платени од граѓаните да се борат против криминалот и корупцијата, неселективно без оглед за кого и да станува збор.

Дополнително, ќе ги премостувам сите пречки и бариери во меѓусебната комуникација на овие органи, на владините институции на оние коишто се задолжени да работат против корупцијата и криминалот, но и да соработуваат со независните тела, како што се граѓанскиот сектор, невладините организации, но и Државната комисија за спречување на корупција, којашто има свои законски надлежности.

Отворена меѓу-институционална комуникација мора да има, за да има резултат, мора на дневно ниво да се координираат овие институции да разменуваат податоци и да соработуваат, само така ќе покажеме резултати и ќе ја постигнеме целта на оваа генерација на овој мандат што ни е доделен од граѓаните. Мојот мандат не е да создавам паралелен систем, ние ќе бидеме нивниот сигурен и стабилен партнер, којшто ќе биде од помош со оваа координативна улога. Бидејќи заедно и со зголемена меѓусебна координација, комуникација, соработка со многу повеќе работа, неселективно со чесен одговорен и искрен пристап пред сите генерации, можеме да постигнеме позитивни резултати и значајни резултати и дела за сите граѓани за целата држава и можеме да изградиме историја.

Ќе се заложам за максимална отвореност и за целосна транспарентност. Граѓаните имаат право да знаат како се трошат народните  пари, но и како работат или не работат институциите и сите кои користат буџетски средства.

Сите ќе бидат задолжени да ги објавуваат извештаите за своето работење, секој раководител/директор ќе треба да поднесе план за тоа како мисли да раководи, кои се целите, која е визијата и како ќе функционира институцијата, ќе мора да се објавуваат сите податоци,  ревизорските извештаи. Како претседател на Комисијата за човечки ресурси и одржлив развој, детално и темелно ќе ги разгледуваме, сите квартални и годишни извештаи на институциите кои се под оваа Комисија. Мора да имаме чесни, одговорни и искрени кадри коишто се посветени и решени да одработат за доброто на граѓаните, коишто се платени со плата да одработат и да испорачаат резултат.

Тука не мислам само на министерствата дека треба да бидат отчетни и дека треба да ги објавуваат податоци. Во овој мандат мора да отидеме подалеку, затоа што граѓаните тоа го констатираат, тие слабости ги знаат, се соочени во нивната работа и во остварувањето на нивната права, не само пред  министерствата туку и пред останатите органи, општините, јавните претпријатија, акционерските друштва во државна сопственост. Необјавувањето на податоците, неетичко и неморално однесување, ќе резултира и со политичка одговорност кон истите.

Во целиот процес за превенирање и откривање на корупцијата потребна ни е ефикасна и професионална администрација, на што во следните четири години ќе посветиме сериозно внимание. Не можеме да очекуваме напредок доколку вистинските луѓе не дојдат на вистинските позиции“.