23/11/2024
Македонија

Николовски: Предлозите за развој на овчарството ги разгледуваме заедно со сточарите, предвидени нови мерки за следната година

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, денеска одржа работна средба со одгледувачите на овци. На средбата одгледувачите на овци и министерот Николовски се договорија сите предлози заеднички да ги анализираат и да се види кој од нив може најбрзо да се реализира. 

Сточарите ги презентираа акутелните состојби во овчарството и нивните предлози за развој на оваа сточарска гранка. Дел од предлозите на овчарите беа да се зголемат субвенциите по грло и за оставено женско јагне, државата да интервенира кога откупната цена на јагнето e пониска од производната, Државниот инспекторат за земјоделство да изврши инспекциски контроли како се мерат јагнињата при откупот, да се обезбедат подобри услови за бачилата и друго. Одгледувачите на овци, посочија дека последниот јавен повик за пројавување интерес за давање под закуп на државно земјоделско земјиште до 3 хектари, за кој земјоделците можат сами да понудат парцели за да добијат државна земја, ќе им биде од голема помош.

Министерот Николовски им порача на одгледучите на овци, дека сите овие барања ќе бидат детално разгледани и веднаш ќе се направат анализи за да се види кое од овие барања може најбрзо да се реализира со цел да им се овозможи рентабилно производство на одгледувачите на овци. Исто така, министерот потенцираше дека ќе иницира средба со градоначалниците од сточарските региони со цел во најскоро време да се решат и проблемите што ги имаат одгледувачите на овци во делот на патната и канализационата инфраструктура.

„Овчарството е наша стратешка гранка и ние како ресорно министерство ќе преземеме се што е потребно за да го стопираме падот на бројот на овци и да ја развиеме оваа сточарска гранка. Предлозите ќе бидат анализирани и ќе видиме кое од предложените барања може најбрзо да се реализира. Веќе работиме на нови мерки за оваа гранка. Така од следната година со Програмата за рурален развој за 2019 година планирано е зголемување на сумата за мерката „Набавка на приплоден добиток“, од постоечките 14 милиони денари на 60 милиони денари, субвенциите за предадено овчо млеко од годинешните 4 денари се зголемуваат  на 4,5 денари за литар предадено млеко. И следната година во Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 10 отсто ќе бидат зголемени субвенциите за сточарите со развоен потенцијал вклучително и за одгледувачите на овци. Не велам дека ова е доволно, затоа сме тука за да ги слушнеме и вашите предлози и заеднички да креираме мерки кои што ќе го развијат сточасртвото а вие како сточари ќе имате поголеми приходи“, им порача министерот Николовски на одгледувачите на овци.

Воедно, Николовски посочи дека од 2019 година преку  програмите на МЗШВ за ЈП Пасишта ќе бидат одвоени 24,5 милиони денари наменети за фотоволтаици, водопоила и корита за летните пасишта (трла) со овци, со можност оваа сума да се зголеми доколку е потребно. Од следната година ќе започне електоронско преобележување на ситниот добиток, вклучително и на овците, со што ќе се евидентира точниот број на добиток, што е важно за креирање на мерките за субвенции во овчарството. За овој потег и сточарите изразија задоволство, бидејќи ова е и едно од нивните барања. 

МЗШВ работи на измени на Правилникот со кој е предвидено олеснување на критериумите за отворање на мали производни капацитети за преработка на традиционални сточарски производи. Во новиот оглас за мерката „Млад земјоделец“ предност имаат токму младите сточари, вклучително и за одгледувачите на овци, а за прв пат се објавија наменски огласи за доделување на државно земјоделско земјиште под закуп за производство на добиточна храна до 3 и над три хектари. 

Паралелно, МЗШВ активно работи на изработка на нов Закон за пасишта, со што ќе им се помогне на сточарите во планирањето и организирањето на сточарското производство. Во фаза на обработка се и барањата за исплата на субвенциите за органско производство меѓу кои се и субвенциите за одгледувачите на овци кои имаат органско производство, за што исплатата ќе започне оваа недела. Министерот и претстваниците на здруженијата на одгледувачи на овци се договорија во првиот месец од следната година, повторно да имаат средба на која што ќе се резимира имплементацијата на мерките на МЗШВ и на нивните предлози.