23/11/2024
Македонија

Нов проект во областа на рибарството и аквакултурата во партнерство со Хрватска и со поддршка од ЕУ

Денеска, во просториите на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство свечено се одбележа почетокот на Твининг лајт проектот „Усогласување на законодавството и имплементација на правото на ЕУ во областа на рибарството и аквакултурата во Република Северна Македонија“. На свеченото отворање присуствуваа министерот Николовски, амбасадорката на Република Хрватаска, Н.Е г-ѓа Нивес Тигањ, претставници на Делегацијата на Европската Унија во Скопје, како и многу гости од домашни институции вклучени во претктот и експерти од областа рибарство и аквакултура од Република Хрватска.

Проектот е со вредност од 250.000 евра и со времетраење од 10 месеци и има за цел усогласување на националното законодавство со правото на ЕУ, како и поддршка на капацитетите на институциите полесно да ги совладаат предизвиците кои следат во пристапните преговори.

„Република Северна Македонија е посветена на процесот на европските интеграции и во насока кон остварување на зацртаниот пат кон Европската Унија, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, користејќи го Твиниг иструментот побара поддршка од Делегацијата на Европската Унија во Скопје, од каде предлогот веднаш беше прифатен и благодарение на нивната посветеност и поддршка денес сме тука, да го одбележиме почетокот на овој нов и за нас многу значаен проект“, изјави Николовски.

Главната цел на овој проект е усогласување на националното законодавство во областа на рибарството и аквакултурата преку подготовка на правни акти за пазарни стандарди и информации за потрошувачите за производите од рибарство и аквакултура, за признавање на организации на производители, меѓусекторски организации, како и за структурна поддршка и државна помош во согласност со барањата на Европската Унија и Заедничката рибарска политика. Покрај ова, со проектот ќе се зајакнат административните капацитети на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и инспекцијата на Агенцијата за храна и ветеринарство и Државниот инспекторат за земјоделство преку блиска соработка, работилници и студиски посети.

„Во овој момент, постоечките правила и прописи кои се однесуваат на пазарната политика, структурните активности и државната помош се делумно усогласени со правото на ЕУ. Со спроведување на активностите од овој проект ќе се постигне понатамошно усогласување со барањата на Европската Унија за овие области. Со помош на овој проект ќе се изработат правни акти како што е изработка на нов закон за  уредување на структурните активности, правилници од делот на заедничкото уредување на пазарите, како и други пропратни акти, а се со цел усогласување со правилата на Европската Унија за Поглавје 13-Рибарство“, потенцираше министерот Николовски.. 

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопантво е главен корисник на проектот, додека пак проектен партнер од земја-членка е Министерството за земјоделство на Република Хрватска.

„Хрватска ја препозна Северна Македонија како одличен патнер за соработка, ова е 15-ти проект кој го спроведуваме во соработка со вашата земја. Како земја со долга традиција од областа на рибарството и културата ќе ни биде драго нашите експерти да им го пренесат своето искуство на македонските експерти, со што ќе се олесни постигнувањето на целта на овој проект, а тоа е хармонизација на македонското законодавство со европските регулативи во областа на рибарство и аквакултура“, рече Н.Е г-ѓа Нивес Тигањ. Исто така, амбасадорката потенцираше дека Хрватска е голем поддржувач во процесот на интеграцијата на Северна Македонија во европското семјество.

Министерот Николовски упати благодарност до Делегацијата на Европската Унија за поддршката која ни ја дава за развој на земјоделскиот сектор, не само за овој проект туку и за сите други проекти кои ги реализираме со финансиска поддршка од Делегацијата.

„Драго ми е што во овој проект покрај претставници на Министерството, вклучени се и претставници на Агенцијата за храна и ветеринарство, Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, како и претставници на Државниот инспекторат за земјоделство. Ова е особено важно во процесот на пристапување кон ЕУ, бидејќи само со силна и подготвена администрација ќе можеме да чекориме кон патот на европските интеграции и ЕУ“, рече Николовски.