Обраќање на ПВРСМ Оливер Спасовски на 136-та седница на Собранието на РСМ за разрешување на МТСП Мизрахи
Врз основа на член 94 став 2 од Уставот на Република Северна Македонија, до Собранието на Република Северна Македонија доставив предлог Рашела Мизрахи, министерка во Владата на Република Северна Македонија да биде разрешена од функцијата министерка за труд и социјална политика.
На овој предлог, за разрешување на Рашела Мизрахи од функцијата министерка за труд и социјална политика во Владата на Република Северна Македонија, се одлучив заради серијата јавни настапи на кои таа грубо го прекрши Уставот на земјата и законите кои го уредуваат користењето на уставното име на нашата земја.
Министерката за труд и социјална политика Рашела Мизрахи во техничката Влада на Северна Македонија не го коригираше ова свое однесување, и се доведе во ситуација против нејзиното неодговорно и несериозно однесување, да биде преземена мерката што ја предлагам – Собранието да ја разреши од функцијата министерка што го раководи ресорот Министерство за финансии.
Заради повторувањето на истото непочитување на Уставот и на законите, неизбежен е впечатокот дека министерката Мизрахи свесно и намерно го крши Уставот и го погазува историскиот Договор од Преспа со што во ризик ги стави односите со соседите и процесот на евроинтеграциите.
Наместо да ги извршува работите што произлегуваат од Законот за Влада и од Договорите од Пржино кои многу јасно и недвосмислено определуваат дека основната и суштинска обврска на техничките министри е обезбедување на слободни и демократски избори, со своите јавни настапи Мизрахи ја злоупотреби функцијата и државната институција во партиски цели со прекршување на Уставот.
Впрочем, кога ја даваше свечената изјава овде во Собранието кога беше изгласан составот на техничката Влада, министерката Мизрахи се заколна дека своите обврски ќе ги извршува согласно Уставот и законите на Северна Македонија.
Штетите од овие постапки се закануваат да бидат огромни за граѓаните, за државата, за нашата евро-атлантска иднина, и јас како Претседател на Владата на Северна Македонија ги оценив како последици кои мора да се спречат и затоа донесов одлука да поднесам предлог за нејзино разрешување од функцијата.
Како претседател на Владата јас не можам да дозволам граѓаните и државата, да бидат заложници на неодговорно однесување кое го загрозува Договорот од Преспа и сите придобивки што произлегоа од тој договор за нашите евро-атлантски интеграции и за унапредувањето на нашите односи со соседите.
Почитувани,
Нашата држава се наоѓа во исклучително значаен период кога се очекува непречено функционирање на сите институции на државната власт. Ова е време кога е потребно да се организираат фер и демократски избори, но и да се завршат потребните активности за полноправно членство на нашата држава во Северноатлантската алијанса, откако Собранието го ратификуваше Северно-атлантскиот договорот со кој го потврдивме нашето членство во НАТО и да се следат одлуките на Европскиот совет поврзани со почетокот на преговорите за членство во Европската Унија.
Токму затоа, честа, но пред сѐ одговорноста да се предводи Владата во овој период, за мене претставува силен предизвик, но и голема лична, професионална и политичка одговорност.
Да се даде максимумот за доброто на граѓаните и за развојот и напредокот на Северна Македонија, и настрана да се стават партиските интереси.
Преодната Влада мора да овозможи континуитет на функционирањето на институциите, на владеењето на правото и демократијата согласно Уставот на Република Северна Македонија.
Имаме историска одговорност да продолжиме со организација на избори какви што доликуваат на европска демократија, која се стреми кон полноправно членство во ЕУ, и како земја членка на НАТО.
Тука особено апелирам до опозицијата – одговорноста за спроведување на беспрекорни избори сега е подеднакво и ваша. СДСМ и коалицијата покажаа како се организираат избори, како демократски се управува со државата. Сега е конечно време и ВМРО-ДПМНЕ да се одважи и да ги прифати и спроведува овие демократски стандарди. Времето на флоскули, на лажни вести, на политичко калкулантство мора да заврши.
Сите сме дел од институциите. Секој член на Владата мора да ги почитуваат Уставот и законите. Институциите мора да функционираат и да испорачаат совршени, слободни, фер и демократски избори.
Тој пристап е особено значаен за да не се загрозат стратешките приоритети на Република Северна Македонија, за кои консензусот беше потврден и овде во оваа сала на Собранието кога сите пратеници гласаа за ратификација на Северно-атлантскиот договор.
Несериозно е со Уставот да се играат играчки: Кога некому му одговара да го почитува, а кога на истиот тој му треба да го задоволи партискиот интерес, да го погазува.
Затоа, искрено се надевам дека ВМРО-ДПМНЕ ќе предложи нов кандидат за местото министер за труд и социјална политика, кандидат кој ќе ги почитува Уставот и законите и кој ќе го даде својот првенствен придонес во организацијата на фер и демократски избори, и кој ќе овозможи непречено функционирање на министерството во испораката на услугите кон граѓаните.
На крајот, дозволете ми уште еднаш да го повторам апелот кој го упатив и на седницата на Собранието кога беше избран составот на техничката Влада: Ги повикувам сите членови на преодната Влада достоинствено и со интегритет да ја извршуваат својата функција, за доброто на граѓаните на Република Северна Македонија.
Да ги почитуваат Уставот и законите и да го дадат својот максимален придонес во овој исклучително значаен период за нашата земја и за граѓаните.