25/11/2024
Македонија

Обраќање на претседателот Пендаровски на свечената церемонија на одликувања по повод 8 Септември – Денот на независноста

Претседателот Стево Пендаровски по повод 8 Септември – Денот на независноста на Република Северна Македонија, на свечена церемонија денеска ги одликуваше македонските спортисти Оливера Наковска – Бикова, Бранимир Јовановски, Шабан Трстена и Дејан Георгиевски со високото државно признание Орден „8 Септември“.

Во продолжение е интегралното обраќање на претседателот Пендаровски.

Почитувани,

На 8 Септември 1991 година, користејќи го сувереното право на самоопределување, прогласивме независна држава и се вклучивме во културниот натпревар меѓу народите. Крајот на Студената војна го означи почетокот на тој голем натпревар во кој многу држави од Централна, Источна и Југоисточна Европа работеа напорно за да изградат стабилни и функционални демократски институции и да се интегрираат во светот.

Но, иако почнавме од иста стартна позиција и игравме според правилата, во одредени периоди како држава се соочивме со двојни стандарди и пристрасни судии што не секогаш ни овозможуваа праведно оценување на постигнатото.

На овој тежок пат постигнувавме и успеси, но, приредувавме и разочарувања за македонските граѓани. Енергијата честопати ја трошевме во меѓусебни обвинувања и опструкции, а на внатрешен план, најголем предизвик со кој и ден-денес се соочуваме се длабоките поделби во македонското општество, во нашиот тим. Единството е клучниот предуслов за успех, а, за да бидеме поуспешни во натпреварот меѓу народите, мора да го обновиме заедништвото и да ја вратиме свеста, не за личниот интерес, туку за општото добро.

Колку и да е важен двигател на општествените процеси, личниот интерес, сам по себе, не е доволен да изгради општество со развиено чувство за национален интерес, за општо добро. Оттука, вистинските двигатели на заедништвото треба да ги бараме меѓу оние кои не се мотивирани од тесни интереси, туку од повисоки цели.

Меѓу ретките херои на македонската независност се и спортистите кои со своите успеси нè поврзуваат дури и кога сме длабоко поделени. Ќе почнам со човекот кој во 1992-та ни го донесе првиот медал во независноста – нашиот параолимписки шампион Бранимир Јовановски. Освен златото од Барселона, Бранимир освои над 50 медали од светски и европски првенства и купови и е повеќекратен македонски државен шампион во стрелаштво со воздушен пиштол. Како тренер, своите искуства несебично ги споделува со другите. Како граѓански активист, преку „Мобилност Македонија“, Бранимир со години се бори за солидарно општество со еднакви можности за сите, во кое и лицата со попреченост ќе можат, како рамноправни, да го живеат животот.

Бранимир успеа да инспирира многу наши сограѓани да ги надминат пречките. Меѓу нив е и нашата параолимписка рекордерка во стрелаштво Оливера Наковска-Бикова. Сите ја паметиме по златниот медал што го освои на летните параолимписки игри во Лондон во 2012 година. Со над 20 медали на европски и други меѓународни првенства и купови, таa годинава по втор пат стана европски шампион. Благодарение на нејзината мирна рака и фокусот кон целта, таа го држи светскиот параолимписки рекорд во стрелаштво со воздушен пиштол. Оливера ни покажа дека за интегритетот на човекот не е битен само физичкиот интегритет, туку не помалку и интегритетот на личноста, на карактерот.

Параолимписките игри се неправедно во сенката на олимписките. Животните приказни на нашите параолимпијци сведочат дека тајната на нивниот успех е во тоа што пред себе имаат повисока цел, бидејќи не се борат само за победа на теренот, туку и за победа над општествените предрасуди и системските пропусти.

Затоа, освен за македонскиот идентитет, мора да зборуваме и за карактерот на македонското општество. Со идентитетот се раѓаме, но карактерот го развиваме. А вистинскиот карактер на едно општество се гледа од односот кон неговите најранливи членови.

 Драги сограѓани,

Денеска со нас е и нашиот олимписки ветеран Шабан Трстена. Во далечната 1984 година во Лос Анџелес, на свои 19 години стана најмладиот борач што освоил златен медал на олимписките игри. Четири години подоцна во Сеул освои сребро, а во својата кариера беше двократен европски шампион и четирикратен европски вицешампион. Доаѓајќи од скромно и сиромашно семејство, неговиот успех е резултат на огромната пожртвуваност.

Трстена е познат и по неговата менторска грижа за помладите генерации спортисти. Тој и денес го користи своето искуство и име како македонски спортист на 20. век за да ги промовира младите спортски таленти и да им помогне да го достигнат олимпискиот врв.

Конечно, меѓу нас е и нашиот најмлад олимпиец, Дејан Георгиевски, кој минатата година на олимписките игри во Токио го освои сребрениот медал, откако претходно го победи светскиот шампион во теквондо. Овој најголем олимписки успех во независна Македонија го подигна моралот на нацијата во време на големи искушенија.

Иако во меѓувреме стана и европски првак, не можете, а да не ја забележите неговата скромност. Тој најмалку зборува за себе и за своите постигнувања, а најмногу за луѓето околу него, за неговиот тренер, за неговиот тим и семејство, за неговите сограѓани. Прашан како после успехот во Токио се носи со популарноста, Дејан изјави дека му е чудно што луѓето му благодарат нему, кога тој би требало да им биде благодарен ним за поддршката која го мотивира да тренира повеќе. Токму таквата свртеност не кон себе си, но, кон другите, е пример за вистински патриотизам.

 Почитувани сограѓани,

Овие спортисти доаѓаат од земја, мала по територија, со ограничени ресурси и, за жал, со скромни вложувања во спортот. Но, нив тоа не ги поколеба да работат пожртвувано за спортската слава на нашата заедничка татковина. Затоа, на денот на независноста со Орден „8 Септември“ им благодариме на нашите херои затоа што преку нивните врвни спортски успеси ја афирмираа македонската држава.

Нивните спортски и човечки вредности – солидарноста, интегритетот, пожртвуваноста и скромноста се предуслов за изградба на хумано општество на праведни. Нашите јунаци се и прекрасен пример за младите генерации, бидејќи ги мотивираат не само да бидат одлични спортисти, туку и добри луѓе, пример за средините во кои живеат.

Драги сограѓани,

Правилно разбран и практикуван, спортот го брани идентитетот, го гради карактерот и го трансформира општеството на позитивен начин.

Основачот на модерните Олимписки игри, баронот Де Кубертен, верувал во моќта на спортот да ги помирува луѓето и народите со тоа што ќе им овозможи да се фокусираат на она што ги поврзува, наместо на она што ги разделува. Затоа централниот идеал на олимпизмот е – мирот.

Д-р Лудвиг Гатман, пак, ги основал Параолимписките игри бидејќи, за разлика од неговите современици кои во лицата со физичка попреченост гледале осакатени пациенти на смртна постела, тој видел луѓе со огромен потенцијал и храброст. Неговиот идеал бил препознавање на достоинството на различните од нас.

Во овие два врвни олимписки и параолимписки идеали е содржано она што ни е и нам денес најпотребно: а тоа е подготвеност да го препознаеме најдоброто кај другиот, различниот од нас. Затоа сплотени, збогатени со сите наши таленти и разлики, како еден македонски тим, да продолжиме да го градиме нашиот заеднички дом.

Нека ни е за многу години независноста!
Да живее Република Северна Македонија!